Инфо

Македонија и Србија ќе градат заедничка гранична железничка станица

На железничката станица ќе има заеднички гранични и инспекциски служби и заедничка царина

среда, 03 октомври 2018

Македонија и Србија ќе градат заедничка гранична железничка станица на која ќе има заеднички гранични и инспекциски служби и заедничка царина.

Македонија и Србија први во регионот постигнаа договор за олеснување на сите постапки за пренос на стока и патници на граничните премини, изјавија македонскиот вицепремиер задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и српската вицепремиерка и министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќај, Зорана Михајловиќ по средбата во Белград на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, јави дописникот на МИА.

„Најдовме разбирање во рамките на нашата соработка да воспоставиме една царинска испостава на граничниот железнички премин ’Табановце’ и таквата станица да ја финасираме заеднички и да побараме средства од Фондот за инвестиции за Западен Балкан, за што е веќе разговарано. Се договривме таквиот проект да го почнеме што порано и мислиме дека во 2019 година ќе можеме да почнеме со градење“, изјави Анѓушев.

Разговарано е и за инфраструктурните проекти што ги поврзуваат двете земји, при што Анѓушев посочи дека изградбата на Коридорот 10 веќе е завршена во делот на железницата, а кон крајот на април ќе биде пуштена и последната делница од Демир Капија до Смоквица.

И Белград е подготвен наместо во 2020 година, според плановите на ЕУ, изградбата на заедничкиот премин да започне во текот на идната година, изјави вицепремиерката Михајловиќ и додаде дека и во Србија се довршува изградбата на автопатот преку Грделичка Клисура на Коридорот 10.

„До туристичката сезона ќе може да се помине преку Грделичка Клисура. Автопатот донекаде ќе биде изграден и треба да одлучиме дали така ќе го отвориме или ќе почекаме месец-два до есен додека не биде комплетно изграден“, изјави Михајловиќ.

Проценетата вредност е околу 4,5 милиони евра, а проектот за изградба ќе биде презентиран денеска во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 25 пати.