Интервјуа

Унапредувањето на квалитетот на животната и на работната средина е влог за идните генерации

Интервју со м-р Магдалена Трајковска Трпевска, основач и генерален менаџер на „Технолаб“, компанија која нуди услуги со највисок квалитет во согласност со меѓународно прифатените станарди и во чија акредитирана лабораторија се имплементирани 74 акредитирани методи за испитувања на медиумите на животната средина и за испитувања во работната средина

вторник, 02 октомври 2018

МАРИЛИ: „Технолаб“ е фирма што се занимава со исклучително важна и со многу актуелна проблематика - заштита на животната средина и на безбедноста при работа. Од каде потекна идејата да се основа ваква компанија? 
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Заштитата на животната средина и безбедноста при работа станаа моја животна определба уште со моето прво вработување во поранешниот Рударски институт. Мојата работа како хемиски инженер, а подоцна и магистер по хемиски науки, пред сѐ, беше насочена кон лабораториските испитувања што се основа за изработка на квалитетни проекти во делот на заштитата и унапредувањето на воздухот, водите, почвите, работните услови и безбедноста и здравјето. Мојата посветеност на унапредувањето на квалитетот на животната и на работната средина беше основната причина и поттик пред 18 години да зачекорам по сопствен пат и да формирам своја фирма. Така, во 2000 година ја формирав „Технолаб“ како приватна компанија со основна дејност работа на проекти од областа на заштитата на животната средина и безбедноста при работа. Развојот на „Технолаб“ како компанија ги следеше потребите и барањата на нашите клиенти, но, исто така, и мојата сопствена визија за компанија што ќе нуди услуги со највисок квалитет во согласност со меѓународно прифатените стандарди. Перципирајќи ги потребите на пазарот започнавме со развој на нашата лабораторија за испитувања во животната и во работната средина, со особен акцент на делот за мерење на емисиите во воздухот.
Во оваа смисла, со имплементацијата на ISO 9001 во 2005 година започнавме со воведување на системите за квалитет во нашето работење по што произлезе идејата за воведување и на други системи за квалитет, со кои ќе ги гарантираме квалитетот и компетентноста во текот на целиот процес на давањето услуги. Во 2008 година го имплементиравме основниот систем за квалитет на лабораториите за тестирање ISO 17025 со што станавме прва акредитирана лабораторија во Република Македонија за вршење испитувања во животната и во работната средина. Развојот на лабораторијата на „Технолаб“ се одвива континуирано и паралелно и во делот на теренската и во делот на аналитичката лабораторија. Со особена гордост денес може да се пофалиме дека лабораторијата на „Технолаб“ има најголем број акредитирани методи за тестирање во животната и во работната средина и е прва за испитувања во животната средина со имплементирани барања на техничката спецификација за мерење на емисија на загадувачки супстанции од стационарни извори МКТС CEN/TS 15675:2009. Паралелно работевме на имплементирањето на системот за управување со животната средина ISO 14001 и на системот за управување со здравјето и безбедноста при работа OHSAS 18001. Процесот за имплементација на основните системи за квалитет подоцна резултираше со интегриран систем ISO 9001, ISO 14001 и OHSAS.

МАРИЛИ: Работите со големи и специфични субјекти, како што се рудници и разни други индустриски капацитети. Какви услуги нудите?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Индустриските стопански субјекти многу бргу ги препознаа деловноста, стручноста и компетентноста на „Технолаб“ и за кратко време нашата компанија им стана сигурен партнер на голем број деловни субјекти од индустријата, енергетиката и од стопанството. „Технолаб“ ги извршува своите активности преку следниве пет сектори: Консалтинг во животната средина, Консалтинг за безбедност и здравје при работа, Акредитирана лабораторија за тестирање во животната и во работната средина (теренска и аналитичка), Акредитирано инспекциско тело за контрола во животната и во работната средина и Едукативен тренинг-центар. Секторот за консалтинг во животната средина изработува: студии за влијанието врз животната средина, стратегиски оцени на влијанието врз животната средина, апликации за добивање дозволи за еколошки дозволи А и Б, елаборати за заштита на животната средина, мониторинг на медиумите во животната средина (воздух, вода и почва)…, планови и програми за управување со отпад. Секторот за безбедност при работа нуди услуги за: процена на ризик на работните места со изјава за безбедност, обука на вработените за безбедност и заштита при работа, тестирање и контрола на опремата за работа, мерења и анализи на условите во работната средина, многубројни други услуги... Лабораторијата на „Технолаб“ е акредитирана лабораторија за испитувања во животната и во работната средина во согласност со MKC ISO/IEC 17025:2006. Секторот инспекциско тело, кое е акредитирано во согласност со MKS EN ISO/IEC 17020:2006, врши контрола на условите во животната и во работната средина во согласност со соодветната законска регулатива. Во рамките на едукативниот тренинг-центар „Технолаб“ нуди стручни обуки од областа на БЗР, експертски обуки за стручно оспособување на стручните лица за безбедност при работа и експертски обуки за управување и постапување со отпад.

МАРИЛИ: Во состав на компанијата е и акредитираната лабораторија за еколошки испитувања. Што се мери и што се анализира во оваа лабораторија? 
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА
: Лабораторијата на „Технолаб“ е акредитирана лабораторија за испитувања во животната и во работната средина во согласност со MKC ISO/IEC 17025 уште од 2008 година. Во лабораторијата се имплементирани вкупно 74 акредитирани методи за испитувања на медиумите на животната средина и за испитувања во работната средина, а методите за мерење на емисии од стационарни извори ги исполнуваат барањата на МКТС CEN/TS 15675:2009. Лабораторијата се состои од теренска и аналитичка лабораторија каде што се вршат следниве услуги: тестирања и анализи во животната и во работната средина, мерење и мониторинг на загадувачки супстанции во воздухот, водата и во почвата, контрола на квалитетот на воздухот, мерења на условите во работната средина, категоризација и карактеризација на отпадот и отпадната тиња, испитувања за присуство на ПХБ во воздухот, водата, почвата и отпадните масла и многу други методи. Во изминатиот период значително инвестиравме во нова опрема за теренската лабораторија што особено е специјализирана за мерење емисии на загадувачки супстанции од стационарни извори.

МАРИЛИ: „Технолаб“ беше пионер, а денес е лидер во оваа област. Со какви предизвици се соочувате секојдневно и како успевате да се одржите на оваа позиција приближно две децении?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА
: Предизвикот да се биде пионер и лидер во областа во која дејствува компанијата „Технолаб“ е мојата секојдневна движечка енергија, особено затоа што заштитата на животната средина и безбедноста при работа е од исклучителна важност за сите. Позицијата што ја имам само ја зголемува мојата индивидуална општествена одговорност, но и колективната одговорност што ја има „Технолаб“ како компанија што работи во областа на заштитата на животната средина и безбедноста при работа. Со својот стручен и компетентен тим „Технолаб“ целосно му е посветен на спроведувањето на дефинираната стратегија за инвестиции во сопствените ресурси преку константен развој и усовршување на персоналните квалитети и техничко опремување во согласност со најновите технологии. Ова секако претставува предуслов за осигурување на квалитетот, но и влог за остварување на нашата визионерска цел - секогаш да бидеме лидери во областа на заштитата на животната средина. Во исто време наша мисија е да дадеме придонес во утврдувањето на професионалната и на интелектуалната свест за неопходноста од оптимален квалитет на животната средина во која живееме и безбедната работна средина во која работиме затоа што животната и работната средина не само што се заеднички за сите туку се и наследство за идните генерации.
Во изминативе приближно две децении успеваме да ја следиме нашата визија, а осигурениот квалитет и утврдената и препознатлива компетентност ни дава право да очекуваме да бидеме уште подобри во следниот период.

МАРИЛИ: Каква е стратегијата на компанијата за во иднина?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Стратегијата на компанијата „Технолаб“ за во иднина се базира врз постојана надградба и усовршување на знаењата и вештините, следење на светските достигнувања, усогласување со најновите стандарди и константен професионален развој. Во областите на нашето дејствување не постои простор за импровизација. Поради тоа, императив ни е инвестирањето во нови амбициозни кадри, со цел да ги оствариме нашите професионални цели. Обезбедувањето услуги со врвен квалитет и обезбедувањето на сигурноста и на довербата на нашите клиенти е наша постојана обврска кон која пристапуваме со целосна посветеност.

МАРИЛИ: Успешното работење на „Технолаб“ се потврди со признанието што го добивте од агенцијата „Марили“ за една од десетте најуспешни жени менаџери во Македонија за 2017 година. Што претставува оваа награда за Вас и на што Ве обврзува? 
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА
: Во мојата професионална кариера сум добила повеќе признанија, но првпат добивам вакво признание и затоа ми е особено драго и сум особено горда на него. Секако, ова признание за мене значи потврда на мојата досегашна професионална заложба да успеам во тоа што сум го зацртала како визија. Мора да го додадам и тоа дека моите достигнувања и успеси ги доживувам и како успеси на тимот на „Технолаб“ со кој заедно чекоревме и се искачувавме овие 18 години. Но без поддршката од моето семејство, без толеранцијата, трпеливоста и охрабрувањата од мојот сопруг, од синот и од ќерката, сигурно е дека немаше да го постигнам успехот и на професионален план. Да се биде дел од десетте најуспешни жени менаџери во Македонија за мене значи поттик и обврска да се одржи квалитетот, но и да се совладаат новите предизвици во работењето за да се искачиме уште повисоко. Наша цел е да останеме лидер во областа на нашето дејствување - заштита и унапредување на животната средина и безбедноста при работа. Лидерската улога на „Технолаб“ подразбира континуиран развој и унапредување на квалитетот на услугите што им ги нудиме на нашите клиенти во Република Македонија и пошироко, а со цел да дадеме навремен, квалитетен и целосен одговор.

МАРИЛИ: Вие сте на чело на компанијата од самиот почеток. Од каде ја црпете енергијата и како ги балансирате обврските меѓу успешен менаџер и жена и мајка?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Според законите на природата, енергијата е постојана, само може да го менува својот облик. Така и сопствената енергија ја добивам од моите секојдневни животни предизвици и успеси - индивидуални или професионални. Секој поединечен успех за мене е нова доза на енергија што ја користам за достигнување на новиот предизвик. Оваа движечка енергија е моја инспирација за достигнување на нови нешта, за учење на нови и досега неосознаени нешта и за креирање нови визии за иднината. Но неопходен предуслов за успешноста на професионален план е и рамнотежата со приватниот живот. Ако сум задоволна во приватниот живот, на работа доаѓам со огромна сила и енергија. Исто така, ако сум среќна на работа, дома се враќам исполнета со голема енергија! Всушност, остварувањето баланс меѓу приватниот и професионалниот живот е еден од најголемите предизвици на секоја жена. Моето семејство е мојата поткрепа и движечка сила. Без неговата поддршка, разбирање и толеранција сигурно не ќе можеше да се постигнат сите успешни резултати во досегашното работење. И на крајот да истакнам дека негувањето на сопствената ментална, духовна и емоционална страна, исто така, е од огромна важност за успешноста во животот воопшто. Во слободното време секогаш настојувам да најдам време само за себе што го употребувам за читање книги, прошетки, пливање или практикување на кинеската вештина Chi Gong (урамнотежување на енергиите јин и јанг преку соодветни вежби).

 

Содржината е прочитана 482 пати.