Инфо

Од вчера е укинат возот до Солун

Поради економска неисплатливост „Србија воз“ и грчки „Тренос“ ја укинаа меѓународната линија Белград-Солун-Белград. Возот во иднина ќе сообраќа само сезонски од 15 јуни до 15 септември

вторник, 02 октомври 2018

Од први октомври е укинат меѓународниот патнички воз кој сообраќа на релација Белград – Солун – Белград. Железничката линија преку Скопје нема да биде во функција до 15 јуни наредната година. Тоа го договориле Српската и Грчката железница и покрај сите напори на Македонската железница (МЖ) да не се случи такво нешто, но немало никакви реални шанси да се издејствува прологирање на одлуката, бидејќи меѓународниот воз само транзитира низ Македонија.

Од МЖ - транспорт потврдуваат дека по состанокот одржан во Белград, од „Србија воз” биле категорични дека оваа железничка линија им е неисплатлива да вози во текот на целата година.

„Дефинитивно од денеска нема да сообраќа возот на меѓународната железничката линија Белград-Скопје-Солун. Имаме преговори и разгледуваме други опции за железничко поврзување со двете соседни земји. ’Србија воз’ повторно ќе ја воспостави оваа линија од 15 јуни следната година и ќе сообраќа само за време на летната сезона“, велат од МЖ.

„Србија воз” уште во јануари годинава ги известиле МЖ Транспорт дека во согласност со грчки „Тренос”, донеле одлука за укинување на линијата поради економска неисплатливост. МЖ Транспорт како транзитна железничка управа има право само да вложи приговор. Возот, според известувањето од „Србија воз”, би сообраќал сезонски од 15 јуни до 15 септември.

Според тоа, сега од Скопје до Солун има единствено автобуска линија на „Македонија сообраќај“, кој ги редуцираше автобусите на еден дневно.
 

Содржината е прочитана 47 пати.