Бизнис вести

Политичката ситуација по референдумот да се разреши брзо и едноставно, стопанството бара стабилност и сигурност

Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека доколку сакаме да го постигнеме проектираниот раст од 3,2 проценти треба да постојат реално такви состојби на пазарот и да нема непредвидени движења на домашната сцена или од надворешни фактори

понеделник, 01 октомври 2018

Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината со планираниот економски раст од 3,2 отсто и без какви било негативни последици врз деловниот сектор, тогаш процесот по вчерашното референдумско изјаснување треба да заврши што побрзо и поедноставно, смета Стопанската комора на Македонија.

Според Комората, рано е да се каже дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, како што најави синоќа премиерот Зоран Заев, но, за бизнис заедницата се најважни стабилноста и сигурноста. Не треба да има турбуленции кои би предизвикале проблеми врз производството и инвестициите.

„Секое поместување во оваа насока може некако да се рефлектира. Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината, потребна ни е стабилност во функционирањето на институциите. Очекувањето е колку може поедноставно и побрзо овој процес да се заокружи за да не се предизвикаат негативни последици по натамошниот економски раст. Во минатото беше евидентно, и тоа го покажуваа сите статистички показатели, дека во услови кога имаме избори и одредени кризи, стопанството не е имуно и се доведува во пад или стагнација“, истакна в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева Ѓуриќ, одговорајќи на новинарски прашања.

Потсети дека Македонија лани ја заврши годината со 0,1 отсто раст.

„Влеговме во фаза кога состојбите почнаа да се раздвижуваат и кумулативно имаме раст на БДП од 1,6 проценти во првото полугодие, а само во вториот квартал 3,2 отсто. Далеку сме од економска стагнација, но доколку сакаме да го постигнеме проектираниот раст од 3,2 проценти треба да постојат реално такви состојби на пазарот и да нема непредвидени движења на домашната сцена или од надворешни фактори“, нагласи Пеева Ѓуриќ на прес-конференцијата за состојбите во пивската индустрија.

 

Содржината е прочитана 57 пати.