Инфо

Грејната сезона може да почне и на 1 октомври

БЕГ е целосно подготвена за предвремен старт на новата грејна сезона, доколку временските услови наложат такво нешто и ги повикува граѓаните, куќните совети и управителите да проверат дали зградите се подготвени за тоа

петок, 28 септември 2018

Балкан енерџи груп (БЕГ) е подготвена веќе од понеделник, 1 октомври да им пушти парно греење на скопјани доколу временските услови наложат такво нешто. Од компанијата информираат дека се завршени сите подготовки на системот за централно греење и оти новата грејна сезона може да почне предвреме.

Сепак, БЕГ им порачува на граѓаните дека може да имаат топли радијатори само доколку се исполнети сите предуслови за топлинската енергија да може непречено да биде доставувана до сите потрошувачи. Оттаму ги повикуваат куќните совети и управителите да проверат дали зградите се подготвени за грејната сезона, односно, дали е се во ред со подстаниците во објектите, а граѓаните да ги подготват грејните тела во своите простории, со цел да нема проблеми во испораката на парното греење.

„За да може грејната сезона да започне насекаде и навремено, неопходно е станарите да ги завршат проверките и интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во ’Снабдување со топлина Балкан Енерџи’. Исто така, Заедниците на сопственици на станови или Управителите, за службените лица на компанијата треба да овозможат непречен пристап до топлинските станици во зградите и да обезбедат постојано напојување со електрична енергија, неопходна за нивно редовно фунционирање – платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација“, велат од БЕГ и појаснуваат дека за сево ова компанијата испратила писма со кои навремено ги информирала потрошувачи и Заедниците на сопственици на станови, односно фирмите кои управуваат со станбените единици.

Но, покрај ова, во моментов во околу 190 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, или имаат дефекти во внатрешна инсталација, или е оневозможен пристап на екипите на БЕГ до топлинските станици или, пак, немаат електрична енергија во топлинските станици, што значи дека во овие објекти нема да може да се испорача парно греење се додека не бидат отстранети проблемите.

Граѓаните кои имаат било какви проблеми, можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 3076 200 и 075 400 100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат на веб страницата на Снабдување со топлина Балкан Енерџи: http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/
 

Содржината е прочитана 82 пати.