Инфо

Почна изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“

Постојната сообраќајница ќе прерасне во модерен булевар со по три коловозни ленти во двата правци, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни

среда, 26 септември 2018

Град Скопје ја почна изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, на потегот од раскрсницата со булеварот „Словенија“ и улицата „Македонска косовска бригада“ до раскрсницата со улиците „Бутелска“ и „Кемал Сејфула“.

За реализацијата на овој капитален проект ќе бидат издвоени околу 150 милиони денари со пресметан ДДВ.
Изведувач на првата фаза од проектот која опфаќа реконструкција и надградба на улицата „Босна и Херцеговина“ во населбата Скопје север, ќе биде компанијата „Карпош АД“, која беше избрана на тендер на кој учествувале вкупно 7 компании. Основниот проект го изработи „ГЕИНГ КуК“ од Скопје.

„Постојната улица ’Босна и Херцеговина’ е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет и е широка само 7 метри. Сега таа ќе прерасне во нов модерен булевар. Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме како еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар ’Босна и Херцеговина’. Овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри, ќе има по три коловозни ленти во двата правци, 5 метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и појасни дека првата фаза од овој проект треба да заврши за 18 месеци.

Тој притоа потенцираше дека во моментов паралелно се гради и втората фаза од новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, што значи дека во Скопје истовремено се градат два сосема нови сообраќајни коридора.
 

Содржината е прочитана 56 пати.