Инфо

„Рајанер“ откажа 190 летови закажани за овој петок

Причина за ваквиот потег е штрајкот на вработените во овој авиопревозник во Шпанија, Белгија, Холандија, Португалија, Италија и во Германија

среда, 26 септември 2018

Ирската нискобуџетска авиокомпанија „Рајанер“ откажа 190 летови закажани за овој петок, што е 8 отсто од 2.400 летови колку што изнесува вкупниот број летови што требаше да се реализираат тој ден.

Причина за ваквиот потег е штрајкот на вработените во овој авиопревозник во Шпанија, Белгија, Холандија, Португалија, Италија и во Германија.

Извинувајќи им се на патниците „Рајанер“ соопштува дека со петочниот штрајк ќе бидат погодени 30.000 патници.

Синдикатот на вработените во „Рајанер“ бара подобри услови за работа, како и договори за работа во склад со законите во земјите во кои живеат, со оглед на тоа што управата претежно ги склучува договорите по законите во Ирска, каде што ѝ е седиштето.

Од компанијата изјавуваат дека во последните неколку недели е направен значителтен напредок во преговорите со синдикатите, вклучувајќи и договори со пилотите и кабинските екипажи од Ирска, Велика Британија, Италија и Германија.

 

Содржината е прочитана 55 пати.