Инфо

Град Скопје ќе го субвенционира чистењето на оџаците во Скопје

Повикот е отворен 60 календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември 2018 година, а ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“

среда, 26 септември 2018

Градот Скопје вчера објави јавен повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Скопје за чистење оџаци за 2018 година. Со тоа Градот ќе надомести дел од трошоците за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари

На јавниот повик можат да се јават физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Повикот е отворен 60 календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември 2018 година, а ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за учество се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да ги достави следните документи: барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk); доказ за жителство во град Скопје: фотокопија од лична карта или пасош; доказ за правен субјект: тековна состојба не постара од 6 месеци; потврда за реализирано чистење на оџак потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот; фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности). Фискалната сметка треба да биде издадена во периодот од почетокот на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот, и фотокопија од трансакциска сметка / жиро сметка.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да се достави во затворен плик до Град Скопје на адреса бул.„Илинден бр.82“, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.
 

Содржината е прочитана 20 пати.