Бизнис вести

НБРМ: „Денарот е стабилен, нема причини за дебата за евентуална девалвација“

Ставот на Народната банка на Република Македонија е дека тековните случувања во државата воопшто не треба да се поврзуваат со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем

среда, 26 септември 2018

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) информира дека денарот е стабилен и нема причина да се отвора дебата за евентуална девалвација, а како институција надлежна за конципирање и спроведување на монетарната политика, цврсто стои на ставот околу оптималноста на постојниот режим на девизниот курс.

„Стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. Не постојат причини, ниту, пак, каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи коишто би можеле да создаваат притисок врз домашната валута, ниту, пак, има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво“ се наведува во соопштението на НБРМ.

Од голема важност е тоа што оваа година екстерната позиција на економијата е исклучително поволна и силна, а Народната банка интервенира со висок нето-откуп на девизи, што дополнително ги зајакнува девизните резерви кои на континуирана основа се одржуваат на високо ниво и создава простор да се реагира на евентуални притисоци и да се одржува силен капацитет за одржување на стабилноста на домашната валута.

Ставот на НБРМ е дека тековните случувања во државата воопшто не треба да се поврзуваат со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем.

„И едниот и другиот сегмент се исклучително здрави и отпорни и не постојат рационални причини за разнишување на довербата и на тековно позитивните очекувања“, се вели во соопштението на НБРМ.

 

Содржината е прочитана 20 пати.