Инфо

За осум месеци реализирани помалку од четвртина од планираните капитални инвестиции

Според податоците на Министерството за финансии, до крајот на август од планираните 391 милиони евра инвестирани се само 90 милиони евра, што е 23,3 отсто

среда, 26 септември 2018

Реализацијата на капиталните инвестиции се уште е далеку од проектираното ниво и повеќе загрижува отколку што влева надеж. За осум месеци не се реализирани ниту четвртина од планираните капитални проекти, односно, од планираните 391 милиони евра инвестирани се само 90 милиони евра, што е 23,3 отсто.

Според податоците на Министерството за финансии, најлоша реализација до сега имало во јануари, кога биле потрошени само 280 милиони денари, а потоа во август со реализирани 470 милиони денари, или 7,7 милиони евра. Највисока реализација имало во јули кога биле изградени капитални проекти во вредност од над една милијарда денари.

Од Владата се оптимисти дека до крајот на годината ќе се засили динамиката на реализација на капиталните проекти, бидејќи се верува дека политичката криза ќе биде надмината, што ќе влијае позитивно врз економијата.

Премиерот Зоран Заев верува дека годинава ќе се оствари проектираниот раст од 3,2 проценти. Тој очекува да се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции.

„Од оние 400 милиони евра кои се капитални инвестиции во Буџетот само еден дел се трансфери за гасификација, железница и патишта. Капиталните проекти за патишта, железници и инфраструктура се надвор од реализацијата на капиталните инвестиции и само 200 милиони евра се буџетски средства во реализацијата. Синтетички и аналитички гледано, внатре за мене постои можност во огромен процент целото тоа да се рализира“, рече Заев.

Сепак, економистите се поумерени во очекувањата и велат дека доколку продолжи ваквото темпо на реализација, тешко дека годинава ќе се постигне проектираниот раст на БДП од 3,2 отсто.

Инаку, вкупните приходи за првите осум месеци изнесуваат 1,977 милијарди евра, што значи дека се собрани околу 63 проценти од планираните средства. Од планираниот буџетски дефицит, Владата досега потрошила 37,5 проценти за осум месеци, или минусот во државната каса изнесува 111 милион евра.
 

Содржината е прочитана 48 пати.