Инфо

Се намалуваат трошоците за извршители и нотари од 50 до 90 отсто

Новите законски решенија предвидуваат во постапките пред нотарите граѓаните да бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, додека во постапката пред извршителите, се бришат 16 ставки за кои досега се плаќаше одредена сума и тие ќе бидат целосно бесплатни

среда, 26 септември 2018

За 50 до 90 проценти ќе се намалат трошоците што граѓаните ги плаќаат за извршители и нотари за неплатени сметки за комунални услуги. Министерството за правда предложи, а Владата ги прифати предлог – законите за изменување и дополнување на Законот за извршување и на Законот за нотаријат

Новите законски решенија предвидуваат во постапките пред нотарите граѓаните да бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, додека во постапката пред извршителите, се бришат 16 ставки за кои досега се плаќаше одредена сума и тие ќе бидат целосно бесплатни.

„За сметки за парно до 15.000 денари ќе се исклучат трошоците за адвокати, на пример, при постапка од извршители. Извршниот налог од 20 евра сега ќе биде 2 евра. Вкупно се ревидираат 16 ставки од тарифникот на извршителите, од кои некои се намалуваат за 50 отсто, а некои и повеќе од 50 отсто. Наградите се намалени, платни налози за трошоци нема да може да бидат повисоки од 20 проценти од вкупниот долг. Во прашање се илјадници семејства и загрижени граѓани“, рече премиерот Зоран Заев.

Според министерката за правда, Рената Дескоска многу професии нема да бидат среќни од оваа измена, но, како што рече, граѓаните го имаат главниот збор, бидејќи е ова социјална држава.
 

Содржината е прочитана 53 пати.