Инфо

На Блаце отворени објекти за контрола на храна

Едниот објект е наменет за ветеринарни контроли што се во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство, а другиот за фитосанитарни контроли што ги врши Државниот инспекторат за земјоделство. Двата објекта се изградени со средства обезбедни од ЕУ преку ИПА 2 програмата и чинат 790.000 евра

вторник, 25 септември 2018

На граничниот премин Блаце денеска беа пуштени во употреба два објекта во кои ќе се врши контрола на сите пратки на храна од растително и од животинско потекло што влегуваат или транзитираат низ Македонија. Со тоа, во иднина сите сомнителни пратки ќе се задржуваат на Блаце и ќе се анализираат пред да бидат внесени во земјава.

Едниот објект е наменет за ветеринарни контроли што се во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство, а другиот за фитосанитарни контроли што ги врши Државниот инспекторат за земјоделство.

Објектите се изградени со средства обезбедни од ЕУ преку ИПА 2 програмата и чинат 790.000 евра.

„Секое заедничко остварување е значајно и пријателството кое го сведочиме секој ден е силно охрабрување и поттик дека сме на вистинскиот пат и дека постапуваме на вистинскиот начин. Со датумот за преговори утврден за јуни идната година, Владата на Република Македонија влезе во процес со искреност и одлучност да покаже дека ќе се соочиме со секој предизвик до тогаш и дека ќе испорачаме резултати. Овој процес ги вклучува и натамошните реформски зафати кои и понатаму имаат поддршка преку ИПА програмата, како дел од целокупниот подготвителен процес за идното членство на Република Македонија во Европската унија“, рече премиерот Зоран Заев на свеченоста на Блаце.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски истакна дека изградбата на двата објекта е чекор напред во приближувањето на Македонија кон ЕУ, исполнувајќи ги највисоките стандарди во областа на трговијата и безбедноста на храната и здравјето на растенијата.

„Унапредувањето на националната политика за интегрирано гранично управување го креираме водејќи сметка за развој на економијата согласно потребите на бизнис заедницата. Континуирано работиме на прилагодување на земјоделскиот сектор кон европските стандарди и на негова модернизација, со цел исполнување на највисоките стандарди за безбедност на храната, здравјето на растенијата и исполнувањето на еколошките стандарди како еден од приоритетите на Унијата. Осовременувајќи го производството и трговијата, ја зголемуваме и конкурентноста на стопанството во целина“, изјави Николовски.

Амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар рече дека пуштањето на употреба на овие гранични инспекциски згради е приоритет за безбедноста на храната за граѓаните, а директорот на АХВ, Зоран Атанасов појасни дека објектите се дизајнирани и изградени согласно највисоките стандарди и одобрени од инспекциската служба на Европската унија.

„Објектите содржат функционални простории за прием на практите со храна од животнинско и растително потекло, простории за услужна лабараторија, потоа ладилници со различен темпаратурен режим и волумен, како и простории за персоналот“, рече Атанасов.
 

Содржината е прочитана 22 пати.