Инфо

Пред стартот на грејната сезона Град Скопје не може да ја преземе топлификациската мрежа

Според градоначалникот Петре Шилегов, преземањето нема да се случи се додека не заврши процесот на легализација на мрежата, што може да биде и во тек на сезоната

вторник, 25 септември 2018

Град Скопје нема да може да ја преземе топлификациската мрежа до почетокот на новата грејна сезона, иако веќе основаше претпријатие Градски енергетски системи.

Градоначалникот Петре Шилегов објасни дека преземањето нема да се случи се додека не заврши процесот на легализација на мрежата, која е дивоградба, а тоа може да биде и во тек на сезоната. Потоа Градот ќе ја превземе сопственоста и ќе може од Регулаторната комисија за енергетика да бара лиценца за работа.

„По легализацијата и запишување на сопственоста, ќе побараме од Владата да ни ја даде мрежата на користење, со што ќе се стекнеме со услови да можеме да влеземе во постапка за издавање лиценца за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија“, вели Шилегов.

Тој неодамна појасни дека целта му е да му го врати на Скопје тоа што му било одземено во последните 30 години и топлификациската мрежа која и е дадена на користење на компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ), да се врати таму каде што е сопственоста, а тоа на Град Скопје. Шилегов рече дека мрежата е сопственост на Градот, бидејќи во нејзината изградба партиципирале граѓаните кои со плаќање на приклучоците и на услугите, всушност инвестирале во изградбата.

Од БЕГ, пак, велат дека топлификациската мрежа никогашп не била третирана како дивоградба и дека тие подготвени ќе ја дочекаат грејната сезона.

„Топлификациската мрежа која е во сопственост на државата и е дадена под закуп на БЕГ на 35 години, била регистрирана со Законот за подземни и надземни инфрастуктурни објекти и придружни инсталации, за што бил воден посебен регистар од Градот Скопје. Во април 2013 година, кога дошло до промена на Законот почнала да се води и постапка за усогласување со истиот и топловодната мрежа никогаш е се третирала како дивоградба. Пред почетокот на грејната сезона направена е целосна проверка на системот за централно греење и истиот е подготвен за редовна испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи. Во тек е и постапката за приклучување на новите потрошувачи во системот“ се вели во соопштението од БЕГ.


 

Содржината е прочитана 65 пати.