Инфо

Почнува постапката за изградба на тунел под Кале

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов со видеопрезентација го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот проект

понеделник, 24 септември 2018

Со подземни тунели под Кале и со нов мост преку Вардар ќе се спојат двете страни на Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов со видеопрезентција го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот проект „Тунели под Кале“ со кој треба да се поврзат булеварите „Свети Климент Охридски“ и „Никола Карев“ (Пластичарска улица).

Целта на овој голем зафат е да се растовари сообраќајниот притисок на мостот „Гоце Делчев“, по кој според одредени анализи поминуваат и до 90.000 возила дневно и да се нормализира текот на сообраќајот во западниот дел од градот.

„Голем дел од планираните транзитни и градски магистрали во градот не се реализирани, што претставува сериозна тешкотија за нормално одвивање на сообраќајот. Продолжувањето на булеварот ’Свети Климент Охридски’, со мост над реката Вардар, со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот ’Никола Карев’ (Пластичарска улица) ќе ја зголеми мобилноста и протокот на возила и ќе има позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава. Оската југ-запад ќе стане пофункционална, а се очекува голем дел од возилата кои транзитираат кон северните делови на градот да се движат по новоизградената сообраќајница“, рече Шилегов.

Градоначалникот појасни дека постои можност за изведба на сообраќајницата во три фази, и тоа: прва фаза изградба на мост и вијадукт од пред раскрсницата на булевар „Свети Климент Охридски“ со булеварот „Илинден“ до тунелот. Втората фаза опфаќа изградба на тунелот, а третата е изградба на раскрсница на булевар „Свети Климент Охридски“ со булевар „Никола Карев“.

Новиот булевар ќе биде издигнат на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку Вардар, кој ќе биде долг 173 и широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри се до влезот во тунелот под Калето. Тунелот ќе биде долг 250, а широк 20 метри. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над Пластичарска улица.

„Со овој проект Град Скопје го оформува вториот сообраќаен прстен во метрополата. Рутата ќе ја користат и автобусите на јавниот превоз. Со проектот ’Тунели под Кале’ ставаме крај на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Го растоваруваме сообраќајот на Бит пазар, по ’Цветан Димов’ и на мостот ’Гоце Делчев’. До саканата дестинација ќе се стига за најмалку 5 до 20 минути побрзо отколку сега. Тоа придонесува за заштеда на време и на гориво, а намалениот обем на сообраќај значи и почист воздух во Скопје“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 39 пати.