Инфо

Директорот на „Топлификација“ обвинува за криминал со стечајот на ТЕ-ТО во кој се вмешани многу страни

Димитар Хаџи Мишев тврди дека стечајот на гасната централа е покренат со цел да се отпише долгот кон „Топлификација“ од 30 милиони евра, даден како заем за изградба на објектот на ТЕ-ТО

петок, 21 септември 2018

„Постапката за стечај на компанијата ТЕ-ТО Скопје е лажна и е со цел да се отпише долгот кон ’Топлификација’ во висина од 30 милиони евра, даден како заем за изградба на објектот на ТЕ-ТО, а со отфрлањ ена жалбата од доверителите и со потврдување на одлуката за стечај, Апелациониот суд го прекрши Законот“, обвини првиот човек на „Топлификација“, Димитар Хаџи-Мишев.

Тој тврди дека во измамата направена со цел да има основа за покренување стечајна постапка, се вклучени компанијата „Битер Холдингс Лимитед“ (БТХ), која со 89 отсто од акциите е главен акционер, потоа извесен нотар и државни институции. Хаџи Мишев обелодени дека се поднесени кривични пријави против ТЕ-ТО.

Според него, причина за судскиот процес во кој ТЕ-ТО предлага стечај сама на себе, е пресудата на Врховниот суд од 27 декември минатата година со која се прифаќа барањето на „Топлификација“ за достасани заеми дадени на ТЕ-ТО, со што ТЕ-ТО треба да и исплати на „Топлификација“ 11,4 милиони евра главен долг плус камати до март годинава.

„ТЕ-ТО и доверителот БТХ ги смениле датумите за заемите дадени од БТХ, со цел тие да бидат достасани и со така достасани долгови да се направат извршни исправки на нотар и потоа со нив да се блокираат сметките на ТЕ-ТО и да се создадат услови за стечај“, го појаснува своето тврдење Хаџи Мишев.

Откако првостепениот суд ја затворил расправата, а БХЛ како најголем доверител го одобрил Планот за реорганизација во кој се предвидува отпишување на долговите во висина од 152 милиони евра, доверителите „Топлификација“, Комерцијална банка и фирмата „Гама Гуч“, на кои ТЕ-ТО им должи 40 милиони евра поднеле жалба до Апелациониот суд. Но Судот ја одбил жалба со образложение дека нема законска можност да ја оценува содржината на предлог-стечајот и условите за стечај.

„Со ова Апелациониот суд направи уште поголема незаконитост, бидејќи неговата одлука е конечна. Целиот тек на процесот и сите активности реализирани во овој процес укажуваат на организирана структура во која, освен ТЕ-ТО, се вклучени и други субејкти, па и одредени државни институции“, обвинува Хаџи Мишев.

Првиот човек на „Топлификација“ тврди и дека ТЕ-ТО непазарно купувал природен гас и продавал електрична енергија надвор од државата и во тој купи-продај процес 170 милиони евра биле непазарно процесуирани, за што, како што вели Хаџи Мишев има јавно признание во планот за реорганизација.

На ваквите обвинувања одговорија од ТЕ–ТО од каде велат дека постапуваат согласно одлуките на надлежните институции и дека тврдењата на Хаџи Мишев се обид за искривување на вистината.

„ТЕ–ТО АД Скопје ја изнесе пред надлежните институции целокупната документација и фактичка состојба и истата, согласно законите, беше прифатена, бидејќи аргументите беа евидентни. Една од засегнатите страни во јавноста постојано изнесува тврдења кои не се засновани на факти, ниту се поткрепени со докази“, се вели во соопштението на ТЕ-ТО.
 

Содржината е прочитана 72 пати.