Мода

Спектакуларно модно шоу на „Елена Лука“ на Sofia Fashion Week

Ексклузивната колекција „Х“ беше промовирната на Модната недела во Софија по повод 10-годишниот јубилеј на македонскиот моден бренд

петок, 21 септември 2018

По повод 10-годишниот јубилеј, „Елена Лука“ вчеравечер ја промовираше својата ексклузивна јубилејна колекција „Х“ во рамките на четвртата вечер на Модната недела Sofia Fashion Week, која беше резервирана за презентација на колекциите на странски дизајнери.

„Елена Лука“ ја заокружи и ѝ даде врвен и единствен печат на вечерта, со авангардна колекција која е олицетворение на уникатниот дизајнерски израз препознатлив за брендот, што по сите стандарди е во чекор со светските модни тенденции.

„Сите заложби на ’Елена Лука’ во ова 10-годишно дефинирање на една уникатна мода приказна се рефлектирани во оваа ексклузивна линија која ги обединува префинетиот дизајн, секогаш авангардната естетика, професионалната изработка и посветеноста на секој детаљ, што во суштина се и препознатлив белег на нашата работа. Морам да потенцирам дека сум горда на тоа како ’Елена Лука’ во изминативе години го градеше својот лик, несомнено дека успеавме да постигнеме високи, светски стандарди на секое ниво. Со оваа јубилејна колекција заокружуваме една декада и тоа беше една суштинска, водечка идеја која го дефинираше правецот што го следевме при нејзиното создавање. Силно изразениот индивидуален печат и женствената сензуалност се присутни во секој сегмент на колекцијата ’Х’, што укажува на тоа дека секогаш наша неисцрпна инспирација е посебноста на секоја жена“, изјави Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на „Елена Лука“.

Секоја од креациите во јубилејната колекција „Х“ го има своето уникатно место при раскажувањето на безвременската модна приказна на „Елена Лука“. Од користењето префинети, ексклузивни материјали како свила, кадифе, тантела, срма, до кроеви кои ја прегрнуваат женската различност, што ја прават оваа приказна и бренд единствени.

Знакот „Х“ што се проткајува низ колекцијата во различни форми и со кој се потенцира јубилејот, е репрезент на сите заложби за уникатен, бескомпромисен моден дизајн во кој се препознава индивидуализмот како ракопис на уметникот.

Позитивните реакции на публиката и големиот интерес на јавноста за учеството на „Елена Лука“ на Модната недела во Софија, се надоврзуваат на перманентниот успешен развој на македонскиот моден бренд, кој пред себе отвора ново поглавје со нови предизвици во неговото етаблирање на глобалната модна сцена.
 

Содржината е прочитана 87 пати.