Инфо

Македонија и Албанија потпишаа меморандум за пренос на природен гас

Меморандумот претставува продолжение на веќе потпишаниот меморандум за соработка во областа на енергетиката меѓу ресорните министерства во двете земји

петок, 21 септември 2018

Македонски енергетски ресурси (МЕР) и АЛБГАЗ од Тирана денеска потпишаа меморандум за разбирање, кој има за цел воспоставување и развивање деловна соработка за развој на преносните мрежи на природен гас во двете земји преку изградба на интерконективен вод, во насока на ефикасна испорака на овој природен енергенс.

На потпишувањето присуствуваа министерот за економија, Крешник Бектеши и албанскиот министер за енергетика, Дамјан Ѓикнури.

„Како земји соседи, со традиционални пријателски односи и развиена економска соработка, активно работиме на обезбедување поблиска интеграција на енергетските пазари на ЕУ и Енергетската заедница и зајакнување на безбедноста на снабдувањето со енергенси на регионот. Денешниот меморандум е чекор напред за развој на билатерално стратешко партнерство во секторот за природен гас, како продолжение на веќе потпишаниот меморандум за соработка во областа на енергетиката меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Албанија“, рече Бектеши.

Министерот за енергетика на Албанија, Ѓинкури истакна дека потпишаниот меморандум од сферата на гасификацијата е добра основа од која ќе имаат корист двете земји.

„Таквите проекти кои го развиваат енергетскиот пазар треба да се гледаат со голем интерес, бидејќи како соседни земји имаме многу обврски кон енергетската заедница“, рече Ѓинкури.
 

Содржината е прочитана 52 пати.