Инфо

Хабитат Македонија ја доби наградата „Energy Globe“

Признанието е доделено за проектот „Енергетски ефикасни домови за семејства со ниски приходи“, што Хабитат Македонија го стартуваше во 2009 година

петок, 21 септември 2018

Хабитат Македонија е добитник на меѓународната награда за национални достигнувања во секторот за енергетска ефикасност што ја доделува австриската фондација „Energy Globe“. Признанието е доделено за проектот „Енергетски ефикасни домови за семејства со ниски приходи“, што Хабитат Македонија го стартуваше во 2009 година.

Наградата ја врачи трговското аташе на Амбасадата на Австрија, Марлен Бургсталер која потенцираше дека наградата ја предава во име на фондацијата „Energy Globe“ и на нивниот партнер, Австриската трговска комора.

„Главните достигања на наградениот проект вклучуваат енергетски ефикасни реконструкции на повеќе од 60 колективни станбени згради во Македонија, со повеќе од 1.900 станови. Притоа се постигнати вкупни годишни енергетски заштеди од 7.910 мегаватчасови и годишни редукции на емисиите на јаглероден диоксид од 3.670 тони. Ова, за македонскиот станбен фонд претставува голем инвестициски потенцијал кој се проценува на повеќе од 500 милиони евра“, рече националниот директор на Хабитат Македонија, Зоран Костов кој ја прими наградата.

За наградата на фондацијата „Energy Globe“ годинава беа поднесени повеќе од 2.000 предлози од над 180 земји. Националните победници се избрани по пат селекција спроведена од експерти на Комитетот за евалуација на „Energy Globe“.
 

Содржината е прочитана 50 пати.