Инфо

Кредит од 10 милиони евра од ЕБОР за Коридорот 8

Со кредитот ќе се врши реконструкција и модернизација на 13 километри долгата делница од Крива Паланка до граничниот премин Девет Баир

четврток, 20 септември 2018

Европската банка за обнова и развој даде 10 милиони евра кредит за реконструкција и модернизација на 13 километри долгата делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, која е дел од Коридорот 8. Со денешното потпишување на договорите за заем и гаранција во Министерството за финансии, се создадоа услови за старт на градежните работи кои се продолжение на почнатите експресни патишта од Ранковце до Крива Паланка кои треба да бидат готови за две до три години.

„Заемот е со рок на отплата од 15 години години и вклучен грејс период од две години, со варијабилна каматна стапка која се состои од шестмесечен еуролибор, зголемено за маргина од еден процент. Каматната стапка сега изнесува околу еден процент и сега има исклучително поволни услови на пазарот“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Кредитот се доделува на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) кое ќе треба да и плати на ЕБОР еднократна провизија во висина од еден процент од износот на заемот, како и провизија за неповлечен дел од заемот во висина од 0,5 проценти на годишно ниво.

„Новиот проект ќе му овозможи на ЈПДП да го изгради патот од Крива Паланка до Деве Баир, во близина на бугарската граница во должина од 13 километри, со што ќе се подобрат економските врски на земјата со Европската унија преку соседна Бугарија, која е веќе членка на ЕУ. Надградбата на Паневропскиот патен коридор се стреми кон креирање 10 главни транспортни коридори долж Европа, поттинувајќи ги транспортните конекции и трговијата“, рече Су Барет, директор на тимот за транспорт во ЕБОР.

И Тевдовски ја потенцираше важноста од поврзаноста на Македонија со Бугарија со која последната година сериозно ја зголемуваме трговската размена. Делницата, како што рече тој, е особено значајна и за регионот, бидејќи ги поврзува Црното со Јадранското море.

„Нашата цел е да созадеме функционален Коридор 8 кој ќе овозможи брз и безбеден превоз на патници и стоки. Со обебзедување средства за доизградба на уште една лента на овој патен правец ќе придонесеме за побрз транспорт и регионално поврзување и соработка“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов информираше дека е завршена комплетната документација од аспект на безбедност на патишта и заштита на животната средина и оти се подготвува документацијата за одобрението за градење по што ќе може веднаш да се стартува со работа.

„Идејата е заедно со експресните патишта до границата со Бугарија да направиме една целина. Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно, ќе се прошири секаде каде што може со трета лента, ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце“, рече Китанов.

Европската Унија е стратешки партнер на ЕБОР во развојот на патниот коридор 8. Во декември 2018 година се очекува да биде обезбеден инвестицискиот грант во износ од 2,6 милиони евра преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ). Специјалниот фонд на акционери (СФА) ќе обезбеди поддршка за техничката соработка во подготовката на корпоративниот план на компанијата и ќе му помогне на одделот за имплементирање на проектот.

До денес ЕБОР има инвестирано 30 милиони евраво Коридор 8 и 117 милиони евра во Коридор 10.
 

Содржината е прочитана 21 пати.