Инфо

МЖ Транспорт бара „Србија воз“ да не го укинува единствениот меѓународен воз Белград - Скопје

Причина за укинување на меѓународниот воз, што треба да се случи од крајот на месецов, како што информирале од „Србија воз“ е економската неисплатливост

среда, 19 септември 2018

Македонски железници Транспорт АД Скопје денеска соопшти дека е против најавеното укинување од крајот на месецов на единствениот меѓународен воз низ Македонија на релацијата Белград – Солун – Белград и оти причината, според известувањето што го добиле од „Србија воз“, е економски неисплатливост.

„Србија воз“ ја донеле одлуката во согласност со грчки TRAINOSE, кои имаат право на таква одлука како железнички управи од каде поаѓа односно пристигнува возот. МЖ Транспорт АД Скопје, како што велат, има право да вложи приговор на таквото барање, но, како транзитна железничка управа нема право да одлучува.

МЖ Транспорт ад Скопје во соопштение наведува дека уште во јануари годинава добиле известување од „Србија воз“ дека поради економска неисплатливост планираат меѓународниот воз 34/335 „Hellas“, на релација Белград – Солун – Белград да сообраќа заклучно со 31 март годинава. Возот, според известувањето од „Србија воз“, би сообраќал сезонски во летните месеци од 15 јуни до 15 септември.

Во преговорите што ги воделе во март годинава со менаџерскиот тим на „Србија воз“ успеле да издејствуваат возот да сообраќа до крај на месецов. Според соопштението, на состанокот било напоменато дека во тек на месецов треба повторно да се состанат во Белград и да ги разгледаат можностите за понатамошно сообраќање на возот. Но, на 6 септември добиле електронска порака од „Србија воз“ во која ги известиле дека возот нема да сообраќа по 30-ти месецов.

Како што информираат, по таквото известување веднаш стапиле во контакт со в.д. генералниот директор на „Србија воз“, Југослав Јовиќ за да закажат термин за состанок на кој би ги изложиле ставовите дека се против стопирање на возот по 30 септември. Во телефонски разговор Јовиќ ги информирал дека поради негова зафатеност во наредниот период средбата би можела евентуално да се одржи околу 26-ти месецов, само неколку дена пред укинување на возот, откако ќе се врати од службен пат и по дополнителни усогласувања на можни термини.
 

Содржината е прочитана 35 пати.