Инфо

Скопје е најевтин град во Европа за туристите

Интернет платформата за брзи и евтини карти за автобуски и железнички сообраќај „Wanderu“ изготви листа од најевтини и најскапи градови во Европа според просечните цени на одредени стоки и услуги што ги користи секој турист

среда, 19 септември 2018

Скопје е најевтиниот град во Европа за туристите, а потоа следуваат Приштина и Подгорица. Најскапите градови, пак, се Монако, Рејкјавик и Даблин.

Вака европскте главни градови ги рангираше Интернет платформата за брзи и евтини карти за автобуски и железнички сообраќај „Wanderu“ според пресметката направена врз основа на просечните цени на одредени стоки и услуги во секој град, како што се возење со такси, едно локално пиво, капучино, билети за во музеј, ноќевање во хотел за една особа, потоа цена на билет за јавен превоз во еден правец и три оброци за едно лице во просечен ресторан.

Според оваа пресметка, земјите во Источна Европа имаат најдобри цени за туристите, додека, пак, оние од западниот и северниот дел од континентот се многу скапи за туристите. Но, и покрај евтината понуда источноевропските градови се богати со историски и научни атракции, а нудат и разновиден ноќен живот.

Скопје, според „Wanderu“ има најниска просечна цена на хотелско сместување во Европа - 56 евра за едно лице, но не и најевтина храна и пиење. Скопје има трета најниска цена за три оброци во просечен ресторан од 8,5 евра и петта најниска цена за шолја капучино од 1,2 евра, но, сепак, тоа е поскапо од кафето во Рим. Затоа, пак, за едно пиво на Исланд можете да испиете шест пива во Скопје, додека една вечера во Монако чини колку шест вечери во Скопје.

„Иако главниот град на Македонија, Скопје, е најевтин главен град во регионот и во Европа, сепак, трошоците за храна, пијалок и за влезници во музеите се повисоки од трошоците во Анкара, Приштина и во Киев“, пишува на „Wanderu“.

Најскапиот град во Источна Европа е Киев, додека во Јужна Европа приматот го држи главниот град на Малта, Валета, а најевтин е Никозија – Кипар. Во Западна Европа најскап е Монте Карло, а најевтин Брисел, додека во Северна Европа, најевтин град е Вилнус во Литванија, а најскап Рејкјавик во Исланд. Во Централна Европа најевтин град е Братислава, а најскап Виена.

Во првите топ 10 најевтини градови во Европа е и Белград кој е рангиран на 9.место.

Според анализата на „Wanderu“, од главните градови во Европа, најевтиниот такси превоз е во Москва, а најскапиот во Лондон, а најевтин јавен транспорт има во Кишинев во Молдавија, а најскап во Вадуц во Лихтенштајн.

Еден турист може добро да се најаде за релативно малку пари во Анкара, додека за такво нешто во Монте Карло ќе му треба вистинско мало богатство. Најевтино кафе може да испие во Киев, а најскапо во Копенхаген, најевтино пиво во Баку, а најскапо во Рејкјавик, каде е највисока и цената на билет за во музеј, за разлика од Приштина, каде посетата на музеј е евтино задоволство.
 

Содржината е прочитана 28 пати.