Инфо

Поставени дигитални мерачи на брзина пред пет средни училишта во Скопје

Дигитални мерачи кои ги донираше „Сава осигурување“ се поставени пред „Јосип Броз Тито“, „Панче Караѓозов“, „Здравко Цветковски, „Марија Кири Склодовска“ и „Боро Петрушевски“

среда, 19 септември 2018

Градот Скопје постави дигитални мерачи на брзина пред средните училишта „Јосип Броз Тито“, „Панче Караѓозов“, „Здравко Цветковски, „Марија Кири Склодовска“ и „Боро Петрушевски“, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на сообраќајни незгоди. Дигиталните мерачи се донација од компанијата „Сава осигурување“.

„Немилиот настан што се случи пред два дена на булеварот ’Србија’ потсетува дека нема гарантирана безбедност и покрај зајакнатата полициска контрола и поставената сообраќајна сигнализација. Непочитувањето на сообраќајната сигнализација и прекумерната брзина на возење го зголемува ризикот од сообраќајни несреќи кои неретко завршуваат со фатални последици. Зголемувањето на свесноста на возачите за безбедноста во сообраќајот влијае на намалувањето на бројот на предизвикани сообраќајни несреќи. Во таа насока Град Скопје ги постави овие дигитални мерачи на брзина пред пет средни училишта. Скопје мора да биде град безбеден за растење и спокоен за пензионирање. Безбедноста на сите наши сограѓани е наша заедничка обврска“, рече денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почуваат сообраќајните правила и со своето одговорно однесување да придонесат за намалување на бројот на жртвите и повредените во сообраќајни несреќи.

„Ги повикувам сите општествено одговорни компании кои сакаат да донираат средства во делот на зголемување на безбедноста во сообраќајот, да го направат тоа, со цел, час поскоро заеднички да придонесеме на улиците на Скопје да има помалку собраќајни несреќи“, рече Шилегов.

 

Содржината е прочитана 41 пати.