Инфо

Социјалната помош ќе изнесува 11.700 денари месечно

За пакетот реформи во системот засоцијална заштита Владата наредната година ќе издвои 2,2 милијарди денари

вторник, 18 септември 2018

Од февруари 2019 година корисниците на социјална помош можат да очекуваат повисоки износи, за што наредната година Владата ќе издвои 2,2 милијарди денари.

Премиерот, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска го презентираа пакетот реформи во системот на социјална и детска заштита.

„Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен на доместок од 11.700 денари. Трите лица влегуваат во системот на активација, односно поддршка за подготовка за вработување. Типично четиричлено семејство со две малолетни деца ќе добива 10.600 денари. Денес 70 отсто од овие лица имаат 3.029 денари и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 денари или 300 отсто“ рече министерката Царовска.

Таа појасни дека се зголемува опфатот на семејства, односно деца кои ќе примаат детски додаток и образовен додаток.

„Детската сиромаштија е наш таргет. Детски додаток сега примаат многу малку деца, вкупно 3.200 деца. Ваков додаток примаат само оние семејства кои имаа приход од 10.000 денари. Со реформата, овој додаток ќе го примаат 73.500 деца“, дополни Царовска.

Премиерот Заев рече дка граѓаните кои живеат на социјален ризик ќе добиваат износ којшто Владата смета дека ќе биде доволен за да ги задоволат основните потреби.

„Пред се, ја реформираме и ја надградуваме социјалната парична помош и воведуваме минимален гарантиран приход. Целта е да го усогласиме паричниот надоместок кој го дава државата, со потребите на граѓаните и да им помогнеме побрзо и полесно да излезат од сиромаштијата. Воспоставуваме систем на социјална заштита којшто ќе обезбеди достоинствен живот за семејствата кои живеат во сиромаштија, го олеснуваме пристапот до детскиот додаток, но и ја зголемуваме сумата што по овој основ ќе ја добива едно семејство“, рече Заев.
 

Содржината е прочитана 49 пати.