Бизнис вести

Објавен огласот за избор на универзален снабдувач на струја

Повикот ќе биде отворен до 3 декември годинава за кога е закажана аукцијата, а потоа, до Нова година треба да биде избрана компанијата која веќе од март наредната година ќе ги снабдува домаќинствата со електрична енергија

вторник, 18 септември 2018

Владата го објави огласот за избор на универзален снабдувач на струја. Повикот ќе биде отворен до 3 декември годинава за кога е закажана аукцијата, а потоа, до Нова година треба да биде избрана компанијата која веќе од март наредната година ќе ги снабдува домаќинствата со електрична енергија.

Главен критериум за избор на универзален снабдувач е најниската маржа, но, за да учествува на тендерот, компанијата треба да располага со 20 милион евра оператиен капитал или да има поддршка од друг субјект кој ќе понуди гаранција во тој износ. Истовремено, треба да има и развиен систем за испорака на сметки за граѓаните.

Универзалниот снабдувач се бира за период од 5 години. На тендерот може да учествуваат и странски фирми во партнерство со домашни лиценцирани трговци со струја. До сега, во земјава се регистрирани вкупно 28 лиценцирани снабдувачи.

Доколку не добие квалитетни понуди, Владата ќе го поништи тендерот и ЕВН по сегашните правила ќе продолжи да ги снабдува граѓаните со струја.

Од Владата ги уверуваат граѓаните дека цената на стујата за домаќинствата нема да се промени и оти ќе остане на сегашиот просек од 72 евра по мегават час, а ќе остане и евтината тарифа доколку тие останат кај универзалниот снабдувач. Компаниите, пак, ќе ги намалат своите трошоци за струја, бидејќи сега плаќаат индустриска тарифа која е двојно поскапа.

„Универзалниот снабдувач е категорија која што се воведува за заштита на цената на електричната енергија за домаќинствата. Универзалниот снабдувач ќе биде наменет само за домаќинствата во Република Македонија, додека сите останати и мали и големи компании ќе бидат на слободниот пазар. Тоа ќе биде за бенефит на компаниите, бидејќи сите компании кои што до сега имаат право да излезат на слободниот пазар ги намалија трошоците за електрична енергија и до 40 проценти“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Тој појасни дека за да се заштитат граѓаните од ценовен шок и да не се случи нагло поскапување на струјата, ЕЛЕМ и понатаму доминантно ќе ја дава електричната енергија преку универзален снабдувач за домаќинствата.

„Тоа е предвидено да се намалува по 10 проценти секоја година и во 2025 30 проценти од производството на ЕЛЕМ да биде за домаќинствата. Ако се земе предвид дека и 40-50 проценти од производството на ЕЛЕМ е доволно за потребите на домаќинствата, тоа значи дека интересот на домаќинствата е заштитен во следните пет години“, рече Анѓушев и додаде дека доколку цените на светските берзи паѓаат, граѓаните ќе можат за еден месец да се префрлат од универзалниот снабдувач на друг трговец со струја кој ќе има попримамлив пакет.
 

Содржината е прочитана 78 пати.