Бизнис вести

Нови банкноти од 100 и од 200 евра во промет од следната пролет

Новите банкноти имаат нови подобрени безбедносни карактеристики и ќе бидат многу тешки за фалсификување

вторник, 18 септември 2018

Европската централна банка (ЕЦБ) вчера ги претстави новите верзии на банкнотите од 100 и од 200 евра, кои ќе бидат во промет од 28 мај следната година.

Новите банкноти имаат нови подобрени безбедносни карактеристики и ќе бидат многу тешки за фалсификување. Банкнотите вклучуваат различни холограми на сребрената лента и „смарагден број“ што ја прикажува деноминацијата, овој пат во посилна форма со мали симболи „евро“ во внатрешноста на броевите.

Намалена е и висината на банкнотите и тие се сега изедначени со висината на банкнотата од 50 евра. Пред пуштањето во промет на 28 мај 2019 година, потребно е да се приспособат повеќе од еден милион банкомати за оваа промена.

ЕЦБ веќе објави подобрени банкноти во апоени од пет, 10, 20 и од 50 евра. Новата банкнота од 5 евра беше лансирана во 2013 година, од 10 евра во 2014, од 20 евра во 2015 година, додека новата банкнота од 50 евра беше воведена во 2017 година.

Банкнотата од 500 евра повеќе нема да се печати. Во 2016 година Банката одлучи да ги повлече банкнотите од 500 евра, бидејќи биле користени во сите видови нелегални трговии.

Хартиените банкноти ги дизајнира и ги пушта во промет Европската централна банка, додека за издавање на кованите пари се одговорни националните централни банки на 19 земји членки на еврозоната.
 

Содржината е прочитана 68 пати.