Бизнис вести

Државата ќе субвенционира преквалификација на невработените

Станува збор за шестмесечни обуки на активни баратели на работа за конкретни работни позиции по однапред познати услови за вработување

понеделник, 17 септември 2018

Државата ќе финансира преквалификување на невработени лица во зависност од потребите на бизнис секторот, како дел од оперативниот план за поддршка на вработувањето за следната година.

Станува збор за шестмесечни обуки на активни баратели на работа за конкретни работни позиции по однапред познати услови за вработување, со што ќе се настојува да се постигне баланс помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на работна сила.

Мерката, како што рече вицепремиерот, Кочо Анѓушев има за цел да се детектираат сите невработени лица по општини и да се обучат за да одговараат на потребите на компаниите во самите места.

„Ова е шанса за сите, мерката која што сега ја дискутираме како идеја, би сакале да ја моделираме на тој начин да обезбедиме соодветна преквалификација на кадри во одредени општини, кои што реално, со оглед на образованието, во догледно време не би можеле да најдат соодветно вработување. Има компании што имаат потреба од обучени вработени. Владата би ја поддржала преквалификацијата на овие лица, треба да бидеме оперативни и бргу да делуваме”,рече Анѓушев.

Бизнисот бара повеќе вакви дирекни мерки за поддршка на вработувањето.Оттаму велат дека мора да се интервенира што поскоро, бидејќи стручниот кадар е клучен за нивното делување.

„Проблемите со наплатата не се решени, туку се потиснати во втор план затоа што мислам дека со влезот на странските компании во зоните и надвор од нив повлекоа доста кадар кој беше во евиденцијата на агенциите и сега таму останаа само луѓето кои практично без дополнителна преквалификација не може да бидат апсорбирани во тој процес. Сето тоа нè наведува на помислата дека апсолутен приоритет мора да се даде на тоа прашање”, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

 

Содржината е прочитана 49 пати.