Интервјуа

Симнуваме капа на филмот како уметност

Интервју со Гена Теодосиевска, директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во кое говори за богатата програма на Фестивалот исполнета со најквалитетното од меѓународната и од македонската филмска сцена, за новините во годинашното издание, за блескавите имиња чие присуство во Битола уште повеќе го крева реномето на Фестивалот, но и за истрајноста на организаторите во справувањето со сите проблеми за „Браќа Манаки“ да биде тоа што е

недела, 16 септември 2018

МАРИЛИ: Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е препознатлив како автентична манифестација која егзистира безмалку 40 години. Минатогодишното издание на фестивалот Вие го водевте како уметнички директор, а сега сте директор. Какви содржини ќе им понудите на вљубениците во оваа уметност годинава, особено што паралелно одбележувате и два јубилеја 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман и 60 години од премиерата на македонскиот филм „Мис Стон“?

ТЕОДОСИЕВСКА: Во вашето прашање го имам и одговорот, најквалитетното од меѓународната филмска сцена, и најквалитетното од македонската филмска сцена. Секако дека е тешко да се достигнат филмски естетики како онаа на Бергман, или елегантната патетика на ликовите во „Мис Стон“, затоа и историјата си го наоѓа патот до овие јубилеи, на кои фестивалот „Браќа Манаки“ во ова свое 39. издание им се придружува. Овие два јубилеја ги остваруваме во тесна соработка со Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Кралството Шведска во Република Македонија. Фестивалските гости, публиката и граѓаните на Битола ќе можат да ги видат одблизу документираните фотографии, оригиналното сценарио за филмот „Мис Стон“, приказната за ликот на Манданата и уште многу интересни филмски материјали згрижени од Кинотеката и класифицирани во поставката што ќе биде поставена во Магазата на Заводот и Музеј во Битола. 
Заедно со двете компетитивни програми во кои се селектирани 12 долгометражни и девет краткометажни играни филмови што ќе се натпреваруваат за наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ и малата златна „Камера 300“, во фестивалската програма годинава нудиме премиерно уште 80-ина филмски наслови во 12 фестивалски програми со кои ќе се обидеме да го задржиме вниманието на публиката и на критиката. Во програмата „Мак Поинт“ пред меѓународната филмска критика ќе прикажеме премиери на кратки играни и документарни филмови поддржани од Агенцијата за филм на РМ.

МАРИЛИ: Во една пригода имате речено дека не го негирате досега направеното и не ги отфрлате позитивните искуства градени со децении, но оти додавањето различни состојки на една содржина, сепак, значи некаква промена. Какви промени внесовте годинава?
ТЕОДОСИЕВСКА
: Првичните промени почнав да ги промовирам уште пред две години , кога бев назначена за уметнички директор на Фестивалот. Тоа беше студентската програма, на која сум особено горда и се радувам на средбата како со студентите од 15 Филмски академии и факултети од регионот, но и пошироко, така и од „средбата“ со нивните филмови. Особено сум задоволна што тие не служат за фестивалсики декор, туку се активни и рамноправни учесници на фестивалот, тие се нашите идни имиња кои, во блиска иднина, се надеваме дека ќе се искачат на сцената на наградените. Овој фестивал мора да им го доближиме на идните филмаџии и на оние од филмската индустрија кои одлучуваат за политиките во финансирањето, пласирањето и промоцијата на филмската уметност. Од годинава ја воведуваме и програмата филмски класици и почнуваме со хорор жанрот, негуван од големи мајстори на филмот, заради неговата големата популарност, но уште повеќе заради едукативниот момент во запознавањето со историјата на естетиката на филмската камера користена во овие филмови. Новина која е во тек, е моето посветување на идејата за партнерство со неколку фестивали како од Европа, така и пошироко. Преку ова партнерство би се запознавале со филмски проекти и продукции кои немаме можност да ги проследиме, а и да овозможиме достоинствено претставување и на наши филмски автори на нивните фестивали и филмски настани. Ќе има уште, но нешто нека остане и тајна, поинтересно е нели? 

МАРИЛИ: Годинашното издание на „Браќа Манаки“ има многу впечатлив плакат (шапки во воздух) и уште поинтересен слоган „Симнуваме капа“. Кому му симнувате капа, што значи овој слоган?
ТЕОДОСИЕВСКА:
Им симнуваме капа на браќата Јанаки и Милтон Манаки, на нивното семејство, на сите филмаџии искрено посветени на филмската уметност, на нашите лауреати Роџер Дикинс, Клаудија Кариднале, на граѓаните на Битола, на оние кои не почествуваат со своето присуство на филмските проекции секоја година. Симнуваме капа на истрајноста на ДФРМ да го негува овој фестивал, на сите партнери и поедници кои заедно со нас го слават овој голем празник на кинематограферите, на скромните магови на филмската магија. За визуелниот идентитет на фестивалот се погрижија креативците од МcCann Skopje, и бескрајно сум им благодарна.
Но, би го рекла и ова, симнуваме капа на филмот како уметност. 

МАРИЛИ: Плејада врни имиња од светот на кинематографијата и филмот беа лауреати на „Браќа Манаки“. На црвниот тепих во Битола изминативе години продефилираа многу познати кинематографери, режисери, актери, продуценти, великани на светската филмска уметност. Годинава ќе ја видиме и Клаудија Кардинале. Сите тие сами посебе придонесуваат за реномето на фестивалот. Тешко ли е да се одржи ваквото високо ниво на вредност?
ТЕОДОСИЕВСКА:
Секако, нема да биде излитено ако кажам дека средствата го диктираат и нивото на еден настан. Ние годинава се погриживме да донесеме блескави имиња, оскаровецот Дикинс и величествената Кардинале. Преговорите со Дикинс и неговата сопруга Џејмс, која е исто така филмски работник траеја две години, значи уште пред да го заврши снимањето на филмот „Истребувач 2049“, за кој и го доби Оскарот за најдобра кинематографија годинава. Но, тој е оној кој ни ги „подари“ : Бегствотот од Шошенк“, „Фарго“, „Прекрасниот ум“, „Сикарио“, „Скајфол“ итн...
Преговорите со Клаудија ги започнав веднаш по моето назначување на почетокот на април.. Доцна, но, сепак бев упорна и успеав да и го разбудам љубопитството да дојде во Македонија и да ја наградиме со Специјалната златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Таа е несомнено голема филмска ѕвезда која успеала и во Европа и во Холивуд. Зар можеме да ги заборавиме нејзините улоги во „Беше еднаш на дивиот запад“, или, пак, во „Професионалец“, во„8½“ итн.
Но, последниве две години веќе имаме многу случаи кога кинематограферите кои веќе биле во Битола, продуценти, режисери, костимографи, сами да се најават да дојдат, бидејќи го чуствуваат Фестивалот за свој. Тоа е за мене голем успех, тие на ИФФК „Браќа Манаки“ остваруваат значајни средби со идните соработници на нивните филмски проекти, Фестивалот станува пријатно место за средба на филмаџиите од Европа. Не зборувам напамет, Ве поканувам да дојдете и ќе ви ги претставам оние кои се „враќаат“ на својот фестивал.

МАРИЛИ: Фестивалот многу често го пратеа проблеми, финансиски, организациски, разни валкани игри недостоинствени за една ваква манифестација! Лани, на пример, имавте проблеми со Општина Битола, потоа се појави некое друго здружение кое сакаше да ја преземе организацијата нафестивалот. Дали и годинава наидувате на „сопки“, како се справувате со проблемите?
ТЕОДОСИЕВСКА:
Последните две години за 37. и 38. фестивалско издание средствата за Фестивалот и од Општината и од Агенцијата за филм ги добивме еден месец пред почетокот на фестивалот, со месеци работевме и ние и нашите соработници без средства, бевме игнорирани, понижувани, бевме ставени во ситуација да бидеме уценувани од ликови кои не го сакаат ниту филмот, ниту, пак, му мислат добро на Фестивалот. Таквите Фестивалот не ги заслужува, ниту, пак, македонската култура ги заслужува. Ќе откријам нешто што досега не сум го изјавила и не сум го обелоденила никаде, можеби ќе ви звучи банално, но... Во 2016 година, кога фестивалот се одржуваше од 10-17 септември, на 9 септември ноќта големото платно на Црвениот килим на кој стоеја сите поддржувачи и спонзори и пред кое се сликаат сите филмаџии, посетители и граѓани на Битола, беше исечено со нож на средината. Јас бев во шок, печатењето ново платно не само што чини пари, туку и време.

 Само фестивалскиот тим којшто работеше цела ноќ и цел ден се до половина час пред церемонијата на Црвениот килим знае низ што поминавме. Но, не дозволивме да се обесхрабриме, не дозволивме да го шириме тоа низ медиумите, ниту да се жалиме. А, и кому би се жалеле во тоа време? Не беше лесно, верувајте. 
И, по којзнае кој пат ќе кажам дека сум подготвена да соработувам со секој човек, освен со злиот, со оној кој има темно срце и оној кој не може барем малку да ѕирне во иднината.
За среќа, годинава немаме такви проблеми и Агенцијата за филм на Република Македонија и Општина Битола навремено се вклучија со средства и логистика, така што, дури е чудно да се работи во релаксирана атмосфера. Но, за овој Фестивал да добие на значење во регионот, потребна е постојано ангажирана професионална екипа и секако, поголем буџет. Денеска светот и се околу него се мери низ бројки кои се неумолливи, сурови, но дел сме од таков свет и за да бидеме сериозно сфатени, треба да прифатиме правила на однесување и работење.

МАРИЛИ: Каков придонес дава Општината Битола за одржување на Фестивалот, бидејќи, кога ќе се каже „Браќа Манаки“, само по себе се подразбира Битола. Минатата година ветивте дека нема да дозволите „Браќа Манаки“ да замине од Битола и најавивте отворање канцеларија на фестивалот во овој град. До каде е реализцијата на оваа идеја?
ТЕОДОСИЕВСКА: Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е наш фестивал што започнал да се одржува во Битола и додека јас сум на чело на овој фестивал, тој ќе се одржува во Битола. Тоа што Битола нема вистинско кино, не е тајна, така е со години, 39 години и тоа не е во ред. Некој за тоа требало да се погрижи досега. За тоа треба да се размислува и да се делува. Но, знаете, тука има многу чинители, ние сме само едниот. Општината Битола, и покрај сите наследени проблеми, најде начин да биде наш достоен партнер и е со нас и нашиот концепт уште од мојата прва средба со првите луѓе. Идејата за канцеларија во Битола, но и во Скопје не е нова, за жал, многу е стара. Канцеларијата каде што го подготвуваме фестивалот е канцеларија во која сме заедно со ДФРМ. Остануваме на ставот дека ни е потребна канцеларија и во Битола и во Скопје и се надеваме дека нашата посветеност ќе наиде на позитивни одговори од компетентните кои одлучуваат. 

МАРИЛИ: Како се снаоѓате со спонзори? Дали во Македонија има публика и филмска култура којашто одговара на реномето што го има овој интернационален фестивал?
ТЕОДОСИЕВСКА:
Публиката постојано треба да се негува и да се работи со неа. Битола е извонредна средина за овој фестивал, граѓаните на Битола имаат развиено завидна филмска култура која треба да ја споделат со граѓаните на околните општини. Годинава се обидувам да донесам млади луѓе од Прилеп, Демир Хисар, Ресен и Крушево да ни бидат гости макар и на еден ден и да имаат можност да проследат неколку филмски проекции, да се сретнат со меѓународни познати и признати имиња од филмот, да се дружат со студентите... Тоа ќе биде прекрасна глетка, младите од Македонија со своите филмски идоли. Годинава очекуваме голема група од Холандија, која специјално доаѓа за мастер класот на Роџер Дикинс. Тоа е нашата мисија, да ги поврзуваме идеите и филмаџиите, но да ја испочитуваме и нашата лојална публика.
Нема многу спонзори во културата, за тоа треба и промена на законски регулативи, а, сепак, некои компании препознаа партнер во нас и јас сум им бескрајно благодарна.

МАРИЛИ: Имате ли веќе некакви првични идеи за наредната година? Какви се плановите за следното, јубилејно 40.издание на Фестивалот?
ТЕОДОСИЕВСКА:
Идеите се веќе разгледани, се уште се надополнуваат и допрва ќе се обликуваат и дефинираат. Почнуваме веднаш по ова 39. издание. Плановите се сериозни, но, за тоа во друга прилика, може?

 

 

Содржината е прочитана 297 пати.