Инфо

Шилегов преку внатрешна контрола ќе ја следи работата на градската администрација

Администрацијата на Град Скопје ќе добие правилник за колку дена треба да сработи одреден предмет, а внатрешната контрола ќе има задача да оценува дали се почитуваат роковите

петок, 14 септември 2018

Градот Скопје почнува со реформа на градската администрација во насока на контрола на нејзиното работење. Администрацијата на Град Скопје ќе добие правилник за колку дена треба да сработи одреден предмет, а внатрешната контрола ќе има задача да оценува дали се почитуваат роковите.

Внатрешната контрола има рок од два месеци да изготви регистар на сите постојни предмети кои се несработени, а за секој предмет ќе се одреди категорија и според тежината ќе се знае за колку работни денови треба да биде сработен. Како што рече градоначалникот, Петре Шилегов данокот на промет ќе се пресметува за 5 дена, данокот на имот за 10, а лиценцата за такси возачи би се издавала за 30 дена.

Правилникот ќе биде објавен на веб страната на Град Скопје, па така граѓаните ќе знаат за колку дена да очекуваат дека ќе им биде завршен предметот.

„Ова се прави со цел граѓаните да не чекаат со месеци да им се реши одредено барање, а вработените да ги извршуваат своите обврски навремено и да се спречи закочувањето на постапките. Сакаме да ги извадиме сите предмети надвор од фиоките“, рече Шилегов.

Системот предвидува секој вработен да добие свој фајл и врз основа на извештаите што ги изработува внатрешната контрола ќе добие досие на неговата ефикасност во работата. Секој вработен ќе биде оценуван по основ на тоа во колкав рок и колкав број на предмети одработил согласно правилникот, а негативната оценка на крајот на годината, како што кажа градоначалникот, ќе значи губење на работното место.

Од понеделник сите граѓани кои имаат било какви проблеми со активни предмети или новоподнесени предмети ќе можат да пријават во внатрешната контрола на мејлот kontrola@skopje.gov.mk.
 

Содржината е прочитана 49 пати.