Инфо

Практиканската работа ќе се уредува со закон

Законот предвидува компаниите да може да ангажираат практиканти во период од еден до шест месеци. За ангажман до три месеци на практикантите ќе им исплаќаат по 5.000 денари, а за период од три до шест месеци минимална плата

петок, 14 септември 2018

Владата почна со подготовки на закон за пратиканство со кој, за прв пат во државата во правни рамки се става оваа дејност. Законот ги дефинира правата и обврските на практикантите и на компаниите. На младите им дава можност да стекнат практично искуство во компаниите и за тоа да бидат платени, а на фирмите, пак, да добијат кадар профилиран согласно нивните потреби.

Законот предвидува компаниите да може да ангажираат практиканти во период од еден до шест месеци. За ангажман до три месеци, практикантите ќе добиваат по 5.000 денари, а за период од три до шест месеци компаниите ќе им исплаќаат средства во висина на минимална плата. Придонеси не се плаќаат.

„Со овој закон сакаме да постигнеме од една страна младите да добијат сознанија за тоа кои се потребите на економијата и на компаниите, а тие, пак, да можат да ги профилираат таквите млади лица согласно потребите на реалната економија. На ваков начин младите полесно ќе најдат работа, а компаниите, кои досега не ангажирале практиканти поради непостоење регулатива, ќе добијат кадар соодветен на нивните потреби“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска истакна дека ваков закон се носи за прв пат во Македонија. Со него на компаниите кои имаат средства им се дава законска можност да ангажираат практиканти.

„Со законот се утврдува како се регулира практиканството. Компанијата треба да има ментор кој има обврска да потпише за што тоа лице е квалификувано по завршувањето на практиканството. Дополнително компаниите ги плаќаат, ако издвојува средства, вложува во него, па или ќе го задржи или ќе го подготви за на пазарот на труд во друга компанија“, рече Царовска.

Министерата појасни дека се уште се размислува дали како млади лица да се водат од 15 до 29 години, што е европска пракса, или границата да се подигне на 34 години, бидејќи, како што рече, во Македонија е поролонгирана економска независност од примарното семејство.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи смета дека законот ќе придонесе за регулација на односите, а плаќањето на предвидените средства нема да претставува дополнително оптоварување за компаниите.

Практиканството е добар модел кој се спроведува во сите развиени општества, смета Татјана Марковска од УСАИД.

„Анкетите направени на примерок од 800 ученици во основното и средното образование покажуваат дека тие сметаат дека спроведената пракса е предност во случај на можност за вработување“, рече Марковска.

Законот за практиканство се носи на барање и по предлог на работодавачите и невработените лица. Носител на предог законот е Министерството за труд и социјална политика, а е изработен со поддршка на УСАИД, како дел од проектот „Партнерство преку подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува во соработка со стопанските комори. Во неговата изработка беа вклучени сите социјални партнери и претставници на невладиниот сектор.

Законот ќе биде поставен на ЕНЕР и сите заинтересирани субјекти ќе може да го разгледаат и да дадат свои сугестии.

 

Содржината е прочитана 47 пати.