Инфо

Ќе се вршат контроли дали на пазарот има храна третирана со јонизирачко зрачење

Инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство следниот месец ќе почнат со тестирање на увезената храна, бидејќи засега не е регистрирана таква храна од домашно производство

четврток, 13 септември 2018

Од следниот месец Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе почне со контрола дали на пазарите во државата има храна третирана со јонизирачко зрачење. Ќе се тестира увезената храна, бидејќи засега не е регистрирана таква храна од домашно производство.

Со опрема од Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена инспекторите на АХВ ќе земаат мостри од храната, а испитувањата ќе се вршат во лабораторија на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Јонизирачкото зрачење е иновативна технологија со која се продолжува рокот на траење, квалитетот и безбедноста на храната и воопшто не е штетна. Регулативата пропишува дека мора да биде обележана со зборовите - озрачена или - третирана со јонизирачко зрачење.

„Не станува збор за третман на безбедноста на храната, туку за правото на потрошувачите да знаат каква храна конзумираат. Во тој дел Македонија и АХВ целосно се хармонизиизраа со европското законодавство, каде што исто така е предвидено храната произведена со оваа иновативна технологија да биде означена и потрошувачите да знаат што конзумираат“, рече Зоран Атанасовски директорот на АХВ

Од АХВ претпоставуават дека при увозот во државава влегува таква храна, бидејќи во повеќе држави храната се третира со оваа технологија.

Согласно Правилникот на АХВ за посебните барања за безбедност на храната третирана со јонизирачко зрачење, дозволено е да се врши третман на суви билки, зачини, суво овошје и зеленчуци, затоа што тој е усогласен со европската легислатива. Доколку некоја компанија сака да примени таква технологија во државава треба да добие дозвола од АХВ и од Дирекцијата за радијациска сигурност.

Како што објасни проф. Христина Спасевска од Факултетот за електротехника, која е координатор на проектот, процесот на третирање со јонизирачко зрачење е сличен на стерилизацијата на храната која ја вршиме во домашни услови со топлинско зрачење. Разликата е што јонизирачкото зрачење е ладна стерилизација и не се користи топлина со која се уништуваат одредени хранливи материи. Со јонизирачкото зрачење на добрите производи им се дава уште поголема вредност да бидат поквалитетни.
 

Содржината е прочитана 68 пати.