Интервјуа

Кратово – магнет за туристите

Интервју со Стевче Доневски, сопственик на етно куќата Шанчева, во кое говори за значењето на Националната асоцијација „Слоу фуд Македонија“, за алтернативниот туризам и за природните убавини со кои Кратово ги привлекува и странските и домашните гости

четврток, 13 септември 2018

МАРИЛИ: „Слоу фуд Македонија“ во април го одржа првиот основачки конгрес на кој официјално стана национална организација. Колку локални организации има, под кое мото делува и каква цел има функционирањето на оваа национална асоцијација? 
ДОНЕВСКИ:
„Слоу фуд“ во Македонија има 7 конвивиума: Водно, Скопје, Осогово, Битола, Гевгелија, Валандово и Дојран. До крајот на годината ќе има уште 7 регистрирани конвивиуми: Кратово, Крива Паланка, Виница, Куманово, Берово, Радовиш и Кочани. Се зголемува бројот на интересот за локалната гастрономија, за заштита на традиционалната храна од Македонија (медови, сокови, ориз, пастрама, симити, џемови и други производи).

МАРИЛИ: Кратово е познат по к’цата сол. Со што друго се претставува кратовскиот регион во оваа организација?
ДОНЕВСКИ
: К’цаната сол од секогаш ја имало во кафеаните, ановите, рестораните, пекарите, фурните. Таа се прави од ароматични билки: нане, мајчина душица, повечерка, ноктец, морска сол, циганска пиперка, мумуруска. Во кратовскиот регион се прави два пати во годината, во април и во ноември. Кратовските фурни правеле лепче т.н. пета, во кое има к’цана сол и зејтин. Денес во Етно Куќа-Шанчева се нуди на туристите.

МАРИЛИ: За каков настан се подготвувате во октомври годинава?
ДОНЕВСКИ:
Првиот викенд во октомври се планира да се направи збратимување со еден полски град Лоѓ, кој има камена сол која е високо квалитетна, а ние имаме ароматични билки од кои ја правеме нашата к’цана сол. Тоа ќе биде манифестација наречена солнијада, која ќе се одржи во Кратово.

МАРИЛИ: За Кратово се вели дека е македонскиот Дубровник и честопати го споредуваат со други хрватски градови, на пример, со Трогир. Вие со „Слоу фуд“ гостувате во разни делови во светот и преку промоција на македонските традиционални вредности, конкретно промовирајќи ја кратовската куќа, кратовскиот мост, локалитетот Цоцев камен, како обележје на карпестата уметност во Македонија..., придонесувате за развој на алтернативниот туризам. Што е интересно за туристите кои доаѓаат во Кратово и во кратовскиот регион?

ДОНЕВСКИ: Кратово е раскрсница помеѓу Солун и Софија до каде од Кратово пеш се стигнува за три дена, а патот до Истанбул е 16 дена. Во поново време се поактиви се планинарите и фоторепортерите, кои даваат презентација на еден од најстарите градови на Балканот. Овде има многу што да се види. На 25 километри западно од Кратово се лоцирани два археолошки локалитета: „Големо Градиште“ во село Коњух и „Цоцев камен“ во село Шопско Рударе, потоа геолошкиот резерват „Весела свадба“ во село Куклица, вулканските бомби во селото Горно Кратово, архитектурата на селото Шлегово како и античките рудници во Плавица. Една од поинтересните патеки е Кратово-Шлегово, по која одиме до археолошкиот локалитет „Здравчиј камен“, а во повеќето паузи при прошетката се дегустира мед од пчеларот Панче Иванов, ракија-прополка од Ацо Јакимовски и еко-јајце од фармата на „Принц ком“.  Нашиот крај изобилува со праисториски цртежи во Трновац, Крилатица, Шопско Рударе, Коњух, Шлегово. Посетителите имаат желба да го посетат и да го видат со свои очи и да направат неколку дневен одмор. Ние сме еден тим на ентузијати кои не има од сите области за презентација и промоција на Кратовскиот регион.


МАРИЛИ: Освен домашните, странските гости ги каните да ве посетат за да ги видат природните убавини, но и да ја вкусат традиционалната храна. Вие сте и сопственик на една од најубавите стари градби во Кратово – етно куќата Шанчева, која е првата етно куќа во Осоговскит регион. Што им нудите на гостите?
ДОНЕВСКИ:
Етно куќа Шанчева е отворена веќе 10 години. Целосно е реновирана во староградски кратовски стил и во неа има 4 соби и вкупно10 легла. Гостите кои доаѓаат тука имаат можност навистина да се соживеат со амбиентот во кој се живеело некогаш.
Странските и домашните туристи се воодушевуваат од убавините на Осоговскиот регион, традиционалната храна (сарма, турли тава, мантии, зелник, слатко од дуња, р џели, к цана сол), има ракија, сирење (овчо, кравјо и козјо) и секако, шлеговска пастрма.
 

Содржината е прочитана 249 пати.