Бизнис вести

Ќе се регистрираат производителите на храна во домашни услови

Правилникот веќе се изготвува, а целта е фармерите, не само да се регистрираат, туку и да почнат да го продаваат своето производство на легален начин

четврток, 13 септември 2018

До крајот на годинава се очекува да биде донесен нов правилник што треба да ги олабави условите за индивидуалните производители на домашни сирења, колбаси, јајца, мед,… и да ги поттикне да се регистрираат. Правилникот веќе се изготвува, а целта е фармерите, не само да се регистрираат, туку и да почнат да го продаваат своето производство на легален начин.

Производите ќе може да продаваат на фарма и во локални продавници, ресторани, етно-ресторани и притоа точно ќе се знае потеклото на сирењето или кој било друг производ, дека е од фармата.

„Очекуваме правилникот да почне да се применува од идната година, но, паралелно со неговото изготвување, ќе мора да се направат и водичи и за инспекцијата и за производителите. Да се објасни детално што е потребно за секое производство, што е дозволено, зашто, нормално, секое има своја специфика. Не може да бидат исти условите за колбаси, сирења или за јајца“, вели професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна, Соња Србиновска.

Мора точно да се знае, дополнува, до каде може да оди производителот, како да го направи тоа. Истовремено и инспекцијата кога ќе го контролира, треба да знае што е дозволено, а што не.

„Ако зборуваме за млекото, мандри регистрирани немаме. Можеби има неколку, седум или осум, со Правилникот од 2009 година. Тоа е многу малку. За девет години само девет мандри имаме регистрирано. За жал, нема статистика колку мандри реално постојат во Македонија, зашто не се регистрирани и официјално никаде не фигурираат, но мојата калкулација е дека се над 120 – 130 мандри што постојат, што работат и продаваат сирење, но на рака, на пријатели“, истакнува професорката.

Токму тие производители, напоменува Србиновска, треба да се поттикнат да се регистрираат. Од друга страна, пак, посочува, некои производители не сакаат да влезат во системот. Тоа е уште еден проблем што мора да се земе превид.

„Сега нерегистрираните производители не плаќаат ништо, не подлежат на контрола, имаат свои купувачи за сирењето, посебно за овчото произведено на мандра. Ако се регистрираат, ќе треба да плаќаат данок, да подлежат на инспекциски контроли, но ќе имаат можност и да користат финансиска поддршка од државата или од кои било меѓународни фондови. Многу е битно да влезат во системот, зашто на тој начин ќе гарантираме безбедност на производот“, вели професорката.

Според неа, доколку фармерите се регистрираат, ќе ги знаеме нашите традицонални производи и тие ќе можат да дадат додена вредност. Всушност, ќе знаеме што произведуваме, а вака не знаеме.

„Реално, количините и мандрите не ги знаеме. Си ги знаеме од терен, но официјално не се препознатливи. Ниту можете да ги понудите на туристи, никако“, потенцира професорката.

Производителите во моментов сметаат дека е прекомплицирано да се регистрираат како објект и тоа, објаснува Србиновска, е точно.

„Ако некој сака да ја регистрира мандрата, апликацијата е три или четири страници. Документацијата е преобемна, нема шанси производителот да ја собере. Како цел ХАЦЦП систем да треба да приложи. Се бараат елаборати, животна средина,…, еден куп документи и плус треба да платат 30.000 денари за барањето што не им гарантира дека ќе добијат дозвола. Не зборуваме за тоа да им се даде слобода на производителите да им бидат болни животните. Тие и сега произведуваат безбедно. Нашата цел е со полабави услови, во кои, секако, ќе може да се спроведе хигиена, да се добие регистриран производ што потоа и легално ќе се продаваат“, посочува професорката.

Таа е децидна дека нашите производители многу внимаваат на хигиената, но дали и колку ја запазуваат, не може точно да се каже.

„Има мандри и мандри, објекти и објекти. Некои имаат пристап до вода, некои не. Многу зависи и какви се луѓето што работат вантре, нивната едукација. Исклучително е битно фармерите да бидат едуцирани. На тоа особено мора да се работи, на едукација“, подвлекува Србиновска.

Засега, покрај продажба во земјава, за евентуален извоз не може да стане збор зашто надвор се бара и квалитет и количина. Моментално, како што посочи професорката, само една млекарница од Македонија има извозно бројче за ЕУ и не извезува.

„Подобро е да се обезбеди пласман дома зашто за мала количина не ви се исплати да барате меѓународен пазар. Да се фокусираме на стандардизирање, стабилизирање и на соодветно етикетирање на производите и да го понудиме на домашниот пазар. Има купувачи во Македонија што сакаат овчо и посебно козјо сирење“, вели Србиновска.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 156 пати.