Инфо

Наместо на 58, рударите ќе се пензионираат на околу 50 години

Рударите кои работат во подземен коп ќе се пензионираат и само со работен стаж од 35 години за жени и 40 за мажи. За секоја година пропорционално ќе се пресметува бенефицираниот стаж

среда, 12 септември 2018

Рударите во иднина наместо на 58 години, ќе одат во пензија на околу 50 години. Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, што ги усвои Владата вчера, се намалува старосната граница за пензионирање на рударите со што тие ќе можат да заминат во пензија со навршен стаж од 40 години за мажи и 35 години за жени.

Со прeдлог-измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување им се овозможува на осигурениците што работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Измените наскоро ќе бидат доставени во Собранието, а ќе почнат да се применуваат од почетокот на идната година.

„Министерството за труд и социјална политика изготви законско решение со кое рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение ќе се пензионира на околу 50 години. Пропорционално се намалува и времето поминато на работа со бенифициран стаж. Досега тие требаше да акумулираат неколку години за да го остварат бинифицираниот стаж, сега за секога година пропорционално им се пресметува стажот и така побрзо ќе можат да навршат 40 години бенифициран стаж и ќе можат да заминат во пензија“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на заедничка прес-конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши.

Царовска истакна дека очекуваат од следната година, преку оваа мерка да се пензионираат повеќе од 100 рудари.

Надлежните најавија дека наскоро конечно ќе бидат донесени и измените на Законот за минерални суровини.

„Ќе работиме за уште подобри услови за рударите, но истовремено ќе работиме на изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, имајќи ги во предвид начелата на оваа Влада, а тоа се заштитата на животна средина и здравјето на граѓаните кои живеат во местата каде има рудници“, рече Бектеши потенцирајќи дека рударството е многу значајно за индустриското производство во кое учествува со 8,1 отсто, а рударскиот сектор вработува околу 10.000 лица.
 

Содржината е прочитана 68 пати.