Инфо

Науката се уште не докажала штетно влијание на ГМО врз здравјето

Бизнисмените бараат примена на европски норми, а поторшувачите инсистираат присуството на ГМО во производите да биде јасно декларирано во производите

вторник, 11 септември 2018

Иако науката сѐ уште не докажала дека генетски модифицираните организми (ГМО) штетат на здравјето на луѓето и животните кои ги јадат, бизнисмените во Македонија бараат да се применат европските норми за дозволено присуство на ГМО во производите, додека потрошувачите сакаат да знаат што купуваат и затоа инсистираат присуството на ГМO во производите да биде декларирано за да можат сами да одлучат дали ќе го консумираат таквиот производ,

На трибината „ГМО, ГМО-храна и ГМО-храна за исхрана на животни“, што ја организираше Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија во рамките на Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство, беше речено дека европската директива го одредила прагот на толеранција за присуство на ГМО во производите на 0,9 отсто.

„Бизнисмените бараат тоа да влезе во новата законска регулатива која се усогласува со европската“, рече директорот на Агенцијата за храна, Зоран Атанасов.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар Велковска потенцираше дека не смее да се прикрива содржината на производот, туку дека треба на јасни етикети да се истакнат сите информации, особено информациите за ГМО и за други елементи што се штетни по здравјето на луѓето и животните. Лончар Велковска истакна дека ОПМ бара востановување банка на македонски изворни семиња и поголема примена на органското производство.

Професорот Среќко Ѓорѓиевски од Земјоделскиот факултет смета дека се непотребни стравовите кои ги имаат граѓаните во однос на генетско-модифицираните организми содржани во храната, бидејќи досега науката не докажала штетно дејство врз здравјето на луѓето и животните.

„,Многу е важно дали ГМО од производите кои ги консумираат животните преминува во млекото или месото, односно, производот кој го консумираат луѓето. Сите испитувања досега не покажуваат дека овие организми се задржуваат во организмот и преминуваат во производот кој се консумира. За разлика од тоа, имаме храна во која што има поголемо присуство на протеини, антибиотици и други елементи кои преминуваат во млекото и месото и се штетни по здравјето на луѓето“, рече Ѓорѓиевски.
 

Содржината е прочитана 32 пати.