Бизнис вести

Кредитна линија од 100 милиони евра од ЕИБ достапна за фирмите

Преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки малите и средни компании можат да аплицираат за кредит со каматна стапка од околу 3,5 отсто и рок за враќање 12 години, со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот

вторник, 11 септември 2018

На македонските мали и средни компании од денеска им е достапна поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Средствата ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки. Се очекува до крајот на месецот да бидат потпишани договорите со деловните банки, а од средината на октомври да почне и аплицирањето од компаниите за добивање кредити.

Кредитите ќе се доделуваат во транши од по пет милиони евра. Кредитната линија ќе биде достапна во наредните две години, односно до повлекувањето на сите транши. Се очекува да биде понудена по пониски каматни стапки, односно со каматна стапка од околу 3,5 отсто и рок за враќање 12 години, со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.

Компаниите ќе можат да учествуваат со проекти во вредност од шест илјади евра па до три милиони евра. Кредитната линија ќе може да се користи за инвестиции, за набавка на опрема, градежни материјали, машини, транспортни средства, финансирање на обртни средства...

Премиерот Зоран Заев рече дека Европската инвестициска банка со доделувањето на поволниот кредит го препозна позитивниот сигнал што го има македонската економија особено во вториот квартал од годинава кога е забележан раст на БДП од 3,1 отсто, раст на индустриското производство од 8,4 отсто и зголемување на вработеноста од 7,2 отсто.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека ова не е единствената поддршка што Владата ја нуди за малите и средни компании и дека стоте милиони евра се само дел од планот за поддршка. Тој додаде дека во Буџетот се предвидени 1,3 милијарда денари за поддршка на ваквите компании и дополнителна една милијарда денари за активни мерки за вработување.

Заменик-директорот на ЕИБ, Ендру МекДауел истакна дека со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ и најави дека имаат намера во иднина да се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и на заштитата на животната средина во земјава.

Досега вкупната поддршка од ЕИБ за Македонија изнесува 450 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 33 пати.