Интервјуа

Да не заборавиме дека новинарството е, сепак, седма сила

Интервју со Вики Чадиковска, уредник и партнер во сопствеништвото на веб порталот „Женски Магазин“ во кое вели дека иако моментално расте незадоволството од недоволниот квалитет што се пласира во медиумите, сепак, верува дека секогаш има добри примери, кои на крајот ќе ја добијат оваа битка, во која мора да победи професионализмот. Силата и инспирацијата во својата работа ги добива од нејзиниот сопруг

понеделник, 10 септември 2018

МАРИЛИ: Од радио и ТВ водител, преку Државна видеолотарија, па во веб порталот „Женски магазин“. Цел работен век сте го поминале во медиуми. Може ли накусо да ни кажете дали има голема разлика во работата и пристапот на медиумите кога сте почнувале и сега?
ЧАДИКОВСКА: Да, има голема разлика. Порано не можеше секој да биде дел од медиумската игра. Имаше критериуми кои мораше да бидат задоволени. Требаше да си писмен, да си начитан, да имаш дикција, за радио беше неопходно да имаш радиофоничен глас, за телевизија - да бидеш телевизичен… Во суштина, оние кои сакаат да бидат професионални, настојуваат да ги поседуваат и надградуваат вештините кои и претходно, а и сега се пресудни за професионалност во работата со медиумите. 

МАРИЛИ: Се чини, радиото е Вашата прва и веројатно најголема љубов, иако и за времето поминато во А1 телевизија говорите со носталгија. Сега, пак, сте на чело на веб портал. Какво влијание, според Вас, има Интернетот врз новинарството во Македонија денес?
ЧАДИКОВСКА:
Интернетот ја промени структурата и на добро и на лошо. Брзината и достапноста со која патува веста денес, благодарение на Интернетот е олеснета. Од друга страна, Интернетот овозможи море од портали со голем дел луѓе кои навистина немаат, ама баш никакви познавања од новинарството. Не ги познаваат стандардите, основните постулати на кои се темели новинарската работа, не се познаваат ни вистинските цели на оваа професија. Денес многу лесно, со копирањето се преземаат туѓи вести, наместо да се работи на свои истражувања.Авторскиот труд не се почитува. Сепак, не треба да заборавиме дека новинарството е седма сила. Не попусто. За жал, во моментов трката по кликови не донесе до бездната преку т.н. медиуми да се сервираат лажни вести, лажни вредности, да се популаризираат личности со сомнителен морал, што води кон општествена дисторзија. За среќа, секогаш имаме добри примери, кои, верувам на крајот ќе ја добијат оваа битка, во која, сепак, мора да победи професионализмот во новинарството.

МАРИЛИ: Каква е моменталната состојба со медиумите во државава? Сметате ли дека има премногу радија и телевизии во еден мал етер како што е македонскиот и дали ваквиот квантитет, наместо конкуренција, влијае негативно на квалитетот на медиумскиот производ што се пласира? 
ЧАДИКОВСКА:
Напливот на квантитет, секако дека влијае, но, сепак, не сметам дека го намалува квалитетот. Веројатно влијае врз стандардите за работа, но секако, она што е квалитетно, не може да остане незабележано. Она што во моментов е најслабата алка е недовербата во медиумите, која ни укажува дека расте незадоволството од недоволниот квалитет што се пласира во медиумите и на медиумите. Публиката денес точно знае што сака, па многу лесно може да препознае дека некој не поседува соодветно ниво на стручност за да ја работи работата во која се нашол. Публиката многу добро знае да препознае добар од лош производ, без разлика дали се работи за медиуми или некоја друга област. 21 век е време на едукација, усовршување на знаењата кои ги поседуваме, надградба на вештините. Токму и затоа публиката денес е многу мудра и не може да ѝ протнете нешто што е под нивото на нејзин стандард на квалитет.

МАРИЛИ: Веб порталот „Женски Магазин“ е наменет првенствено за женската популација. Зошто?
ЧАДИКОВСКА: Затоа што жените денес знаат што сакаат. Знаат кои се нивните права, нивните можности и ограничувања. Во суштина,„Женски Магазин“ е наменет за публиката која ја сака искреноста. Сите ние имаме свои убави, но и неубави животни мигови. Сите ние сакаме да слушнеме дека има уште некој како нас. Сакаме поддршка и во убавото и во тешкото. Сакаме свет еднаков за сите, без предрасуди од кој било аспект. Таа е визијата на „Женски Магазин“. Да биде магазин за секој. И оној кој е сам и оној кој е со различна религија од нашата. За оние кои имаат посебни потреби за да ги добијат сите нешта кои досега им недостасуваа. За самохраните мајки кои се херои и треба да добијат посебно место во нашето општество, за татковците кои треба да бидат дел од градењето на детскиот интегритет, па затоа треба да добијат породилно отсуство без предрасуди. За секоја инспиративна приказна, која треба да биде убав пример дека секој може да успее, ако ги следи своите соништа. 

МАРИЛИ: Кое е Вашето мислење, дали жената во Македонија го има местото што го заслужува?
ЧАДИКОВСКА:
Жената, за мене е мајка, жена, кралица. Секоја жена треба да биде тоа. Но, не треба да чекаме некој друг да го создаде тоа посебно место за нас. Ние самите треба да се избориме за тој статус.

МАРИЛИ: Да се биде уредник на веб портал, којшто треба секојдневно да се „храни“ со нови информации, значи целосна посветеност, голем ангажман и жртвување на други работи. Како успевате да ги усогласите приватните и професионалните обврски?
ЧАДИКОВСКА: Јас сум човек кој на секој проект се посветува максимално. Во суштина, се што треба, е да бидете добро организирани. Секако има жртви. Страда мојот сон, можеби и моето време за релаксирање. Малку спијам, но не сакам животот да ми помине во соништа. Сакам да ги реализирам. Ќе сонувам тогаш кога ќе заминам од овој свет. Затоа сега ја живеам секоја минута. Ја сакам секоја од моите професии, си го сакам семејството, чувам минути за убава книга или филм. Будењето на сонцето е ритуал од кој не се откажувам наутро. Мислам дека во тоа е изворот на енергијата која потоа ја трошам максимално. 

МАРИЛИ: Колку за успешно градење кариера е важно разбирањето што го добивате од Вашиот сопруг, кој исто така е од новинарската фела? Дали е тој Вашиот „ветер во грб“ кој придонесува Вашиот професионализам полесно да исплива на површина?
ЧАДИКОВСКА:
Да, тој е „ветерот“ кој ми ја дава силата. Тој е мојата непресушна инспирација. Тој е мојот бел тигар. Тие се ретки животинки, исклучителни поради својата различност. Така и го доживувам. Убаво ми е кога ќе се смирам, после сите дневни бури, во неговата прегратка. Ние сме две души споени во една целина. Ми годи секој негов збор, па дури и критиките. Неговите препораки ми се особено важни, затоа што ја знам нивната вредност.

 

Содржината е прочитана 374 пати.