Бизнис вести

Тевдовски оптимист дека проектираниот раст ќе се оствари, Ангеловска-Бежоска воздржана

Додека првиот финансиер во државата е убеден дека до крајот на годината Македонија ќе го постигне раст на БДП од 3,2 отсто, гувернерот на НБРМ смета дека без капитални инвестиции тешко ќе се дојде до посакуваниот економски раст

петок, 07 септември 2018

Економијата оди во позитивна насока и тоа е најважно, податокот за вториот квартал е 3,1 отсто и Македонија има капацитет да го постигне проектираниот раст од 3,2 проценти, убеден е министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Сепак, првиот човек на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска е со повоздржан став. Таа смета дека постојат ризици и дека се ќе зависи од тоа што ќе се случува во натамошниот период. Нејзиниот став е дека без реализација на капиталните инвестиции, нема да се постигне посакуваниот економски раст.

Според Ангеловска-Бежоска, последните податоци за растот на БДП од 3,1 отсто во вториот квартал годинава покажуваат дека јазот помеѓу проекциите и остварувањето почнува да се намалува, Но, наредните два квартали се клучни за тоа во која насока ќе се движи економијата.

„Во првите два квартали, ако гледаме комулативно, има економски раст од 1,6 проценти. Нашите проекции за првото полугодие од годината беа раст од околу 3 проценти. Сепак, ако се гледаат податоците, структурно внатре наспроти нашите проекции, јасно е дека отспапувањето и потфрлањето е повторно концентрирано во сегментот инвестиции и повторно клучна точка понатаму ќе би биде ревитализација на инвестициониот циклус во нашата економија“, рече гувернерот на НБРМ, Анита Ангеловска Бежовска.

Министерот Тевдовски, пак, во однос на капиталните инвестиции каде што има најголемо потфрлање, очекува подобра реализација во последниот квартал од годинава. Според него, податоците за раст на индустриското производство, извозот, странските инвестиции и платите покажуваат дека економијата почнува сериозно да расте.

„И нашите макроекономски показатели и сите податоци што ги објавува Државниот завод за статистика зборуваат дека економијата оди во позитивна насока, и тоа е најважно. За вториот квартал растот на БДП е 3,1 отсто, имаме раст на индустриското производство, странските директни инвестиции кои се 325 милиони евра, стапката на невработеност е намалена, имаме раст на платите, приходите од даноци се согласно нашите проекции и имаме ликвидност. Сметаме дека Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2 проценти“, рече Тевдовски кој присуствуваше на денешниот редовен состанок на Комитетот за финансиска стабилност.

Комитетот за финансиска стабилност на НБРМ заклучи дека банкарскиот систем е стабилен, дека има постепено забрзување на активнстите, се намалуваат нефункционалните кредити. Ангеловска-Бежоска вели дека до крајот на годината се очекува постепено забрзување и на кредитната активност, особено откако се намали основната каматна стапка. Според неа, стабилизирањето на политичката криза и дава позитивен импулс на економијата.
 

Содржината е прочитана 60 пати.