Култура

Традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“ по 12. пат

Овој мултимедијален и мултикултурен настан ќе се одржи денеска и утре во старото градско јадро на Скопската чаршија

петок, 07 септември 2018

Традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“ денеска и утре ќе се одржи во старото градско јадро на Скопската чаршија. Оваа мултимедијална и мултикултурна манифестација, којашто годинава се одржува по 12. пат има за цел да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје, но и да даде придонес кон континуираните активности на Градот Скопје и Културно-информативниот центар (КИЦ) и тоа преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.

Вечерва ќе се одржи настанот „Книжарницата во чаршијата“ во чии рамки е предвидена литературна среба со наслов „Тропам на вратата на писателот“. На платото пред Штуловиот универзитет, пак, со концерт на класична гитара ќе настапи „Дуо Бојкоски“, а во 20 часот е концертот на Емин Сали и на вокалот Доника Домазети, која со многу љубов и виртуозност изведува албанската староградска музика во латино, џез и свинг ритам. На плоштадот „Скендербег“ концерт ќе одржат „Оксиџен бенд“, како и музичките уметници Линдита Хакај (мецоспоран), Рина и Саранда, и Неџат и Ваљон Сума.

Утревечер, на плоштадот „Скендербег“ диџеј сет ќе има диџеј Гамблеманиа, а ќе настапат и Џурим Дема, Фатјон Мифтари и Ардиан Бакали, Албан Скендерај, Гето Геаси-Маршал Џангл.

Директорката на КИЦ, Сермине Пурини вели дека фестивалот, кој ги почитува обичаите и духот на Старата скопска чаршија, е првиот чекор што Градот Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на Чаршијата. А, изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на Чаршијата само придонесоа таа да стане најфереквентното место во градот во кое доаѓаат граѓани од сите националности.
 

Содржината е прочитана 74 пати.