Инфо

Ќс се формира германско-македонски уравувачки комитет за економски прашања

За зајакнување на економската соработка меѓу двете држави, кабинетот на премиерот Заев ќе биде зајакнат со советник од Германија

четврток, 06 септември 2018

Ќе се формира германско-македонски управувачки комитет кој ќе биде посветен на економски прашања, најави премиерот Зоран Заев. А, за унапредување и зајакнување на економската соработка меѓу двете земји, кабинетот на премиерот ќе биде зајакнат со посебен советник од Германија.

„Новина е тоа што со канцеларката Ангела Меркел веќе потврдивме управувачки комитет за економија. Зошто? Знаете дека имаме најголема трговска поврзаност со Германија. Се очекува 2018 година да заврши со трговска размена од 4 милијарди евра, а во 2017 година таа изнесуваше 3,6 милијарди. Овој управувачки комитет меѓу Македонија и Германија ќе биде само за економијата, не за политиката“, рече Заев.

Тој ја појасни и улогата на идниот советник.

„И идниот советник кој ќе биде во мојот кабинет ќе биде предочен од економската заедница во Германија. Тој најмногу ќе биде посветен на дуалната едукација, односно, на подготовката на квалификувана работна сила“, најави премиерот.

Заев истакна дека бизнис-заедницата смета дека тоа е добредојдено и дека оваа помош нема да се однесува само на кадарот во германските компании, туку на севкупниот кадар и оти тоа ќе биде сериозно олеснување и можност за домашното стопанство.

Сепак, бизнисмените побараа земјава да постави бизнисмен за амбасадор во Германија. Но, премиерот за ова прашање остави да решаваат претседателот на државата и министерот за надворешни работи, потсетувајќи дека економските аташеа во амбасадите ја имаат улогата на посредништво и барање работа за бизнисот од земјава.
 

Содржината е прочитана 49 пати.