Бизнис вести

Европската унија го помага женското претприемништво

Група жени претприемачки од повеќе општини од Македонија беа во работна посета на Хрватска во рамки на проектот „WE MAKE: Женско претприемништво за конкурентност“, финансиран преку ИПА Програма од ЕУ

среда, 05 септември 2018

Минатата недела група жени претприемачки беше во петдневна работна студиска посета во Република Хрватска, во рамки на проектот „WE MAKE: Женско претприемништво за конкурентност“, финансиран од Европската Унија.
Македонските бизнисменки беа претставнички на компаниите: „Изида СПА“ од Охрид, „Еко Пак Хит“ од Кочани, „Консалтинг Интер Груп“ од Кавадарци, „Рептил маркети“, „Марсаж“, „Импералис“, „Брегли“, од адвокатската канцеларија Чакаровска и од „Арти Крафт“, сите од Скопје 

Проектот WE MAKE кој е финансиран преку ИПА програмата, се спроведува 16 месеци, во текот на цела 2018 и дел од 2019 година. Во рамки на проектот се реализираат повеќе активности во неколку фази, со постоечки и со нови општествени партнерства, заедно со сите релевантни и засегнати чинители, за подобрувањето на можностите на младите жени и девојки, во ИKТ и СТЕМ секторот, како и во зелената економија и социјалното претприемништво, за вработување и самовработување, во избраните општини од осумте плански региони, каде проектот се реализира: Битола, Струга, Велес, Тетово, Куманово, Штип, Струмица и Скопје.

Општата цел на проектот е да придонесе кон зголемување на конкурентноста на економијата на Република Македонија, преку поддршка на различен екосистем за претприемништво, вклучувајќи ги жените и граѓанското општество.

Како дел од многуте проектни активности, како обуки за нови технологии, ICT/STEM/Green/Social, стартап, извоз и кластеринг, воспоставување на WE MAKE веб портал со виртуелен инкубатор, хуб за извоз и за онлајн тренинзи, беше и студиската посета на Хрватска за B2B средби и размена на искуства со Хрватската стопанска комора (ХГК), високи претставници на локалната власт, хрватските кластери „Коло“ и „Деша“, Здружението на бизнис жени од Хрватска „Круг“ и локални бизнис центри и жени претприемачки, со вклучено запознавање, размена на искуства и можност за соработка и менторство.

Искуствата и информациите кои групата претприемачки од Македонија ги добија при оваа студиска посета, ќе им помогнат за раст и развој на компанииите, како и за промоција и јакнење на женското претприемништво во земјата, генерално, како и за формирање на првиот национален кластер за женско претприемништво.
 

Содржината е прочитана 411 пати.