Бизнис вести

Тевдовски: Ликвидноста на буџетот одлична, нема потреба од ребаланс

Министерот за финансии потенцира дека сите макроекономски индикатори се одлични и се позитивни и се движат во позитивна насока

среда, 05 септември 2018

Макроекономските показатели се одлични и позитивни, а и ликвидноста на буџетот е одлична и од тој аспект нема потреба од ребаланс на буџетот, е ставот на министерот за финансии Драган Тевдовски. Сепак, тој потенцира дека се прават анализи редовно и доколку се констатира дека треба да се направат некои корекции, тоа ќе биде соопштено.

„Сите макроекономски индикатори се одлични и се позитивни и се движат во позитивна насока. Индустриското производство објавено минатата недела покажа раст од 8 проценти во однос на јули лани, а за седумте месеци од оваа година раст од 5,6 проценти, што покажува дека во 2018 година индустријата сериозно почнува да расте во однос на состојбата во 2017 година. Исто така, извозот е силен и е повисок од 10 проценти по различни месеци, некаде и повисок. Кредитирањето е силно, инфлацијата е целосно под контрола. Потоа, кај даноците, кои се најдобриот индикатор дали економските субјекти ја движат економијата и работат, има одлична наплата и сериозно зголемување, согласно проекциите, а некаде и повисоки. Сето тоа укажува дека ликвидноста на буџетот е одлична и веројатно првпат по многу години имаме одлична ликвидност на буџетот и можеме да реализираме се, односно не постои ништо што чека во трезорот на Министерството за финансии“, изјави министерот Тевдовски денеска одговорајќи на новинарски прашања по потпишување на договори со општините во рамки на проект со Светска банка.

 

Содржината е прочитана 49 пати.