Саем

Меѓународен саем „Скопје травел маркет 2015“

Туристички агенции, хотели и тур-оператори од Македонија и светот ќе се претстават на 5-от Меѓународен саем за туризам „Скопје Травел маркет 2015“, што ќе се одржува од 07 до 10 мај во Скопје.

среда, 06 мај 2015

Туристички агенции, хотели и тур-оператори од Македонија и светот ќе се претстават на 5-от Меѓународен саем за туризам „Скопје Травел маркет 2015“, што ќе се одржува од утре до 10 мај во Скопје.

Со цел зголемување на внатрешниот туризам македонскиот туристички потенцијал на Саемот ќе го презентира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) која ќе се претстави на простор од 65 метри квадратни.

- Во насока на подобрување на туристичката понуда односно приширување на туристичката понуда и подобрување на условите на туризмот во Република Македонија, голем број проекти се веќе во фаза на реализација. Со цел подобрување на внатрешниот туризам ќе го поддржиме и Скопје Травел Маркет и оваа година каде АППТ ќе учествуваме со сопствен штанд на кој свое претставување ќе имаат и туристичкото стопанство, универзитетите и претставници на општините, изјави директорот на АППТ Кристијан Џамбазовски.

Според Џамбазовски, туризмот е еден од приоритетните економски сектори на Владата на Република Македонија.

- Туризмот бележи многу интензивен развој. Бележиме можеби еден од највисокиот пораст во туризмот во Европа. За почетните 2 месеци од оваа година имаме раст од 25 проценти на странски посетители што е доказ дека заложбите на Владата, активностите што ги презема АППТ и промотивната кампања го даваат својот резултат. Очекуваме дека и во следниот период овој тренд ќе продолжи, истакнува директорот Џамбазовски.

Покрај активности за промоцијата на Македонија во странство, Агенцијата спроведува проекти за поддршка на туризмот. За годинава, според Џамбазовски, се предвидени неколку позначајни проекти меѓу кои и мапирање, означување и изработка промотивен материјал за планинарските и пешачки патеки, како и проект за велосипедски патеки, изработка промотивен материјал, мапирање и обележување на манастирскиот туризам.

- Како доста интересна може да ја издвојам историската за нас, патеката - Виа Игнација која може да биде пешачка и велосипедска патека. Работиме и на поддршка на параглајдингот како спорт преку одбележување на полетиштата и слетиштата, но и ја организираме меѓународната конференција за активен туризам што ќе се случи во Охрид во 2016. Воедно, продолжува и поддршката за автокамповите и промоцијата на туристичките развојни зони, изјави Зоран Николовски, раководител на сектор поддршка во АППТ.

Во насока на одржување на континуитет во релацијата со стопанството, АППТ воведе отворени денови за туризмот. Во завршна фаза се проектите за одбележување и мапирање планинарски и велосипедски патеки, ЗИП линијата и слетиштата за параглајдингот.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 496 пати.