Инфо

Повисока септемвриска плата за здравствените работиници

Министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски потпишаа Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност

среда, 05 септември 2018

Над 19 илјади вработени во јавното здравство ќе добијат повисока септемвриска плата. Министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски денеска потпишаа Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност

„Министерството и Синдикатот ќе ја крунисаат неодамнешната владина одлука за зголемување на платите за 5 проценти на повеќе од 19 илјади вработени луѓе во јавните здравстевни установи ширум Република Македонија. Изразено во бројки, средно медицинскиот кадар следниот месец ќе добие дополнително 1.500 денари, докторите специјалисти на Универзитетските интерни клиники на сметка ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници 4.060 денари, а на докторите специјалисти на Унверзитетските клиники за хируршки болести платата ќе им биде повикока за 4.548 денари. Кога на оваа сума ќе се додаде надоместокот за прекувремена работа, дежурство и ноќен труд, сигурен сум дека тоа во значителна мера ќе ја подобри положбата на сите работници во здравствениот систем. Со ова Владата и Министерството за здравство го исполнуваат ветувањето дадено за подобрување на стандардот на зравствениот систем, но во исто време го зголемуваат мотивот за работа на лекарите. Мора да обезбедиме услови за работа на нашите лекари да бидат задоволни, бидејќи само така ќе го дадат најдоброто од себе и целосно ќе се посветат на своите пациенти“, рече премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на потпишувањето.

Министерот Филипче рече дека со потпишувањето на Спогодбата се отвора формалниот пат за зголемување на платите на сите вработени во здравството за пет проценти, односно зголемување на основицата за пресметување на плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари.

Љубиша Каранфиловски ја истакна, како што рече најголемата придобивка за Синдикатот, тоа што покачувањето се однесува за сите вработени во здравството. Притоа тој потенцираше дека на преговарачката маса со Министерството веќе се ставени и корекциите на коефициентите на сестрите со средно образование и на лекарите специјалисти.

„Сметам дека со овој пристап со одредена динамика на реализирање ќе направиме едно комплетно задоволство во здравството и сите одредени пропусти и она што не се случуваше досега ќе биде предмет на наши договори“, рече Каранфиловски и ја поздрави оваа втора фаза за комплетно зголемување на платите за сите вработени во здравството.

 

Содржината е прочитана 65 пати.