Инфо

Растат и извозот и увозот, трговскиот дефицит е над милијарда евра

Во првите седум месеци годинава Македонија извезла производи во вкупна вредност од 3,2 милијарди евра што е за 14,5 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Истовремено се зголемил и увозот и тоа за 11,9 проценти па сега има вредност од 4,3 милијарди евра

вторник, 04 септември 2018

Македонија во странство во периодот јануари – јули годинава извезла производи со вкупна вредност од 3,2 милијарди евра што е за 14,5 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Истовремено се зголемил и увозот и тоа за 11,9 проценти во споредба со истиот период лани, па сега има вредност од 4,3 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за периодот од јануари до јули 2018 година.

Иако процнтуално извозот расте побрзо од увозот, трговскиот дефицит и натаму останува висок и изнесува 1,066 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз е 75,3 отсто, што е речиси исто како и во изминатите години.

Податоците на ДЗС покажуваат дка извозот бележи раст во сите ставки. Во споредба со лани, најмногу пораснал извозот на животински и растителни масла (35,2 отсто), потоа на машини и транспортни уреди – 26,5 и на минерални горива и мазива 21,7 проценти.

Најголем трговски партнер на Македонија останува Германија со која и натаму имаме суфицит, на второ место е Грција, потоа следуваат Обединетото Кралство, Србија и Бугарија.

Факт е дека Македонија се повеќе увезува храна. За седум месеци земјава потрошила 356 милиони евра за увоз на храна, а од продажбата на странски пазари инкасирала само 171 милион евра. Извозот на храна во овој период имал раст од само 0,3проценти, додека увозот од 3,2 отсто.
 

Содржината е прочитана 58 пати.