Бизнис вести

Азески: Изградбата на автопатот двојно ќе ја зголеми размената со Косово

Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукиќи побара Владата на Македонија да ја заврши својата обврска за изградба на автопатот Скопје-Блаце за да се поврзе со веќе изградениот автопат Приштина-граничен премин со Македонија

вторник, 04 септември 2018

Во наредните три години земјите од Западен Балкан треба да работат на развој на индустријата, зголемување на извозот и на реализација на инфраструктурни проекти, бидејќи инфраструктурата е основа за развој на една земја.
Ова се барања на бизнисот, зашто, само така може да се зајакне приватниот сектор, а економиите полесно да се интегрираат во европските текови.

Ова го рече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески кој вчера се сретна со неговиот колега од Косово, Берат Рукиќи на излезот на завршениот дел од автопатот „Арбен Џафери“ во Косово, во близина на слото Доганој. Притоа Рукиќи побара македонската Влада што поскоро да го изгради автопатот од македонска страна.

„Владата на Република Македонија да го забрза процесот и да се потруди да ја заврши својата обврска за изградба на автопатот Скопје-Блаце за да се поврзе со веќе изградениот автопат Приштина-граничен премин со Македонија“, побара претседателот на Стопанската комора на Косово, Рукиќи.

Бранко Азески рече дека ќе се заложи кај Владата што поскоро да се изгради делот од автопатот на македонска страна.

„Со инфраструктурното поврзување за пет години ќе дојде до зголемување на соработката во регионот. Очекувам сегашните 300 милиони евра трговска размена меѓу двете земји да се удвојат за пет години. Исто така, двојно ќе се зголемат и 2,5 милиони премини на граничниот премин“, рече Азески.

Тој истакна дека автопатското поврзување на двете земји им е потребно и на бизнисмените и на граѓаните, па ги повика политичките елити од Западен Балкан да ја забрзаат интеграцијата.

„Им порачуваме на политичките елити од Западен Балкан да ги забрзаат процесите на интеграција, бидејќи бизнисот нема време да ги чека. После 30 години конечно сфативме дека регионалната соработка е основ на нашиот напредок. Токму ЕУ е создадена на база на регионите, функционира и се развива на база на регионите. Затоа не е логично да имаме послаба соработка во регионот отколку што имаме со земји кои се илјадници километри одалечени од нас“, рече Азески.

На владите од регионот им порача да ја поддржат индустријата, инфраструктурата и извозот, бидејќи, како што истакна, не може да опстанат со 70-отстотно учество на услугите во креирањето на БДП.

Претседателите на стопанските комори на двете држави се согласуваат дека соработката на економски план се развива многу побрзо од политичката соработка во регионот.

„Апелирам, владите, ако не помагаат барем да не прават пречки за економијата. Ниту еден политички процес не треба да смета на стопанскиот развој. Им порачуваме на нашите влади, но и на владите од регионот на Западен Балкан дека се потребни многу поголеми инвестиции во инфраструктурата. Токму инфраструктурата е причината што денеска сме тука“, рече Рукиќи.

Првите луѓе на стопанските комори на Македонија и Косово се согласни дека за развој на бизнисот од регионот, покрај инфраструктурата, е потребен раст на извозот и развој на индустријата. За таа цел, како што потенцираше Рукиќи е покрената и заедничка регионална инцијатива која има за цел забрзување на интеграциските процеси преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

„Целта на КИФ е зголемување на взаемната стопанска соработка меѓу земјите од Западен Балкан што ќе го направи овој дел од Европа поатрактивен за инвестиции и ќе создаде услови што побрзо да се интегрира во стопанството на ЕУ“, рече Рукиќи.


 

Содржината е прочитана 52 пати.