Бизнис вести

Олеснување на законските пречки за поагресивен влез на бизнис ангелите на домашниот пазар

На одржаниот Форум за афирмација на моделот „Бизнис ангели“ како начин на финансирање беше потенцирано дека во Македонија има интерес на ваков тип инвестирање,, но оти правната неизвесност ги одвраќа ваквите инвеститори од вложување

петок, 31 август 2018

Иновативните бизнис идеи во земјава тешко успеваат да стигнат до финансии како за да се реализираат, бидејќи банкарскиот сектор вложува само доколку има гаранции за наплата. Затоа, пак, бизнис ангелите претставуваат високоризични финансиери кои инвестираат и со пари и во експертиза.

Проблемт со финансирањето на бизнис идеите беше истакнат на вчерашниот Форум за афирмација на моделот „Бизнис ангели“ како начин на финансирање. На Форумот беше потенцирано дека во Македонија нема законска регулатива што ги поддржува бизнис ангелите. Интерес на ваков тип инвестирање има, но правната неизвесност ги одвраќа ваквите инвеститори од вложување.

Владата најави олеснување на законските пречки за да се овозможи поагресивен влез на бизнис ангелите на домашниот пазар, а ќе ги таргетира младите луѓе со добри идени и малите и средни бизниси.

„Владата ги почна активностите за испитување на можностите за измена на постоечката и за донесување нова регулатива за овозожување полесен пристап за инвестирање преку моделот на ’бизнс ангели’. Планираме во наредниот период да ги согледаме сите потреби за измени или носење нови закони во сите институции, по што ќе се формира работна група која ќе работи на подготовка на регулативата. Очекуваме оваа форма којашто до сега во Македонија се реализира во многу мал обем, во иднина да прерасне во солиден извор на финансирање на бизнис секторот, што ќе значи унапредување на севкупната економија“, рече Зоран Шапуриќ, министер за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија, кој беше и организатор на форумот.

Бизнис ангелите се идентификуваат како богати поединци кои вложуваат во високоризични бизнис идеи во рана фаза на развој. Во светот, преку формата на бизнис ангели на годишно ниво се реализираат инвестиции вредни околу 50 милијарди долари.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја истакна важноста на поддршката што старт-ап компаниите ја добиваат од ангел-инвеститорите.

„Луѓето кои имаат идеи и амбиција за да го реализираат својот бизнис-план, во почетокот немаат финансиски средства за тоа. Во тие услови многу е тешко да се појавите во некоја банка и да побарате кредит, бидејќи секоја банка бара да имате некоја историја или хипотека. Младите луѓе кои имаат идеи не секогаш имаат хипотека, а историја немаат никаква, бидејќи се занимавале со нешто друго. Многу идеи во нашата држава се пропаднати токму од таа причина, бидејќи не можат да најдат извор за финансирање одат во заборав и никогаш не се реализирани“, рече Анѓушев појаснувајќи дека денес тековите се менуваат и оти најголемите компании што сега котираат на берзите се на луѓе кои не наследиле богатство, туку почнале од нула.

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити повика да се афирмира концептот на ризичен капитал каков што е инвестирањето на бизнис ангелите, но и да се формираат и официјални државни ризични фондови кои покрај помош за бизнисите би знечеле и подготовка за нивно менаџирање.

 

Содржината е прочитана 129 пати.