Бизнис вести

Во октомври ќе се одржи првата конференција за е-трговија во Македонија

Конференцијата е насловена „e-Трговија: е-Иднина за е-Македонија!” ја организира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и е наменета за претприемачи и основачи на компании, економисти, маркетери, претставници од средниот и топ менаџмент и институции од поширокиот екосистем на е-трговијата

четврток, 30 август 2018

На 26 октомври годинава, во Скопје ќе биде одржана првата конференција за е-трговија воМакедонија. Конференцијата што ја организира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е наменета за претприемачи и основачи на компании, економисти, маркетери, претставници од средниот и топ менаџмент и институции од поширокиот екосистем на е-трговијата, при што тие ќе имаат можност да научат за постојниот и иден развој на е-трговијата, како и да слушнат практични совети за оптимизирање на нивното онлајн присуство и подобрување на ефективноста на нивните бизниси.

Под темата „e-Трговија: е-Иднина за е-Македонија!”, овој еднодневен настан на едно место ќе ги поврзе клучните фигури од светот на е-трговијата, кои ќе имаат можност да ги проследат последните и идните трендови на една од најекспанзивните индустрии во светски рамки, како и да ги чујат искуствата и примерите на врвни експерти од областа на е-трговијата.

„Е-трговијата е наша пасија и ние ги разбираме нашите партнери како никој друг, бидејќи ние доаѓаме од бизнис-заедницата. Се соочуваме со предизвиците со кои секојдневно се соочуваат нашите соработници и нашата мисија е да ги олесниме нашите животи, да го направиме бизнисот побрз, да го олесниме работењето и да ги отстраниме административните оптоварувања во сите полиња, за да можеме сите да растеме и напредуваме заедно. Токму оттука потекна и идејата за организирање на првата конференција за е-трговија и верувам дека со бројните предавања и панели ќе успееме да одговориме на многуте прашања поврзани со е-пазарот“, изјави организаторот на конференцијата, Нина Ангеловска, ко-основач и главен извршен директор на Grouper.mk и претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.

Конференцијата ќе се фокусира на 4 главни теми: Развој, Плаќања, Достава и Маркетинг, кои ќе бидат организирани во 10 главни предавања и 3 интерактивни панел-дискусии, во кои ќе семат учество преку 20 македонски и странски говорници со богато искуство во полето на е-трговијата. Организаторот појасува дека дел од говорниците и панелистите веќе се потврдени, а меѓу нив има врвни експерти и клучни лица на реномирани домашни и меѓународни компании и организации како Mastercard, Македонски Телеком, оне.Вип, Grouper.mk, Seventh Dimension од Словенија, Царинска управа на РМ, IWM Network, Paket.mk, Bastet Noir итн. На конференцијата, воведно обраќање ќе имаат министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРМ.

Билетите за конференцијата ќе бидат пуштени во продажба уште во првата недела на септември и тоа по специјална „early bird“ цена.

 

 

Содржината е прочитана 78 пати.