Инфо

Од сабота бесплатно микрочипирање на домашни миленици

Кампањата, што ќе се спроведува по принципот „Прв дојден, прв услужен“ ќе трае до 31 март идната година, или до потрошување на набавената количина од 100.000 микрочипови

четврток, 30 август 2018

Од сабота, 1 септември почнува кампања за бесплатна идентификација и регистрација на домашните миленици (кучиња и мачки). За таа цел се набавени 100.000 микрочипови, а ќе се спроведува по принципот „Прв дојден, прв услужен“. Кампањата ќе трае до 31 март идната година, или до потрошување на набавената количина микрочипови.

Аплицирањето на микрочиповите ќе биде бесплатно, а сопствениците на домашните миленици, како што посочи директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов на денешната прес конференција ќе треба да платат само 120 денари за издавање пасош за миленикот, што ќе можат да го употребат при патување надвор од државата.

За спроведување на кампањата Агенцијата за храна и ветеринарство склучи договори со 135 ветеринарни друштва кои ќе ја извршат бесплатната апликација на микрочипови и ќе ги внесат податоците во информативниот систем на АХВ. Со овие договори практично е покриена целата територија на државата. Утре на веб-страницата на АХВ ќе биде објавена листата на ветеринарните друштва со кои е склучен договор во која ќе бидат наведени и телефонските броеви и електронската пошта на ветеринарното друштво за да можат сопствениците да стапат во контакт.

„Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку не ја спроведе, предвидена е санкција. По завршување на кампањата, АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните домашни миленици. Затоа ги повикувам сопствениците масовно да ја искористат еднократната донација и да ги микрочипираат своите миленичиња“, рече Атанасов.

Претседателот на Ветеринарната комора, д-р Томислав Николовски посочи дека создавањето база на податоци е почеток на решавање на проблемите со домашните миленици.

„Апелирам до сопствениците да ја искористат оваа ретка шанса да можат бесплатно да ја исполнат својата обврска и до 31 март да ги донесат своите домашни миленичиња и да се изврши постапката на идентификација и регистрација. Тоа е безболна процедура која не носи никакви ризици, бидејќи микрочипот е во големина на зрно ориз и е направен од бикомпатибилен материјал и не создава никави реакции при апликацијата“, појасни Николовски.

Граѓаните кои нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Проверка дали некое домашно милениче е чипирано ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку се утврди кој му е сопственик ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици, а сопред проценките на АХВ ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата скитници.
 

Содржината е прочитана 67 пати.