Инфо

Државна стипендија за 100 талентирани средношколци

Владата на седница вчера го утврди бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта за учебната 2018/2019, како и за стипендирање редовни студенти на државните универзитети

четврток, 30 август 2018

Вкупно 100 талентирани ученици и 80 талентирани ученици – спортисти запишани во средните училишта во учебната 2018/2019 година ќе добиваат стипендија. Владата на вчерашната седница донесе одлука висината на овие стипендии да изнесува 2.970 денари.

Исто така, 100 ученици со посебни потреби и 50 ученици – деца без родители ќе добијат стипендија од 2.750 денари, а 400 ученици ќе добијат стипендија за социјална поддршка во висина од 2.200 денари. Од владината прес служба информираат дека стипендии се предвидени и за учениците Роми.

Владата донесе одлука и за доделување 50 стипендии на странски државјани од интерес на Република Македонија, односно за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров. А, стипендии ќе добијат и студентите кои во академската 2018/2019 година ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети: „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, „Мајка Тереза“ – Скопје и Универзитетот во Тетово.
 

Содржината е прочитана 39 пати.