Инфо

Стартуваат уписите на државните универзитети

Во академската 2018/2019 година има место за вкупно 21.778 бруцоши, од кои најголем број, 11.661 места се на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

среда, 29 август 2018

За вкупно 21.778 бруцоши утре стартуваат уписите на државните универзитети за новата академска 2018/2019 година.

Најмногу места има на најголемиот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде ќе бидат примени 11.661 студент. Од нив, 5.913 ќе може да се запишат во редовната квота, 4.573 со кофинансирање, а 1.175 како вонредни студенти.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип годинава има место за 5.037 бруцоши. Од нив 3.078 ќе можат да се запишат во редовната квота, 1.064 со кофинансирање, а 895 како вонредни студенти.

Битолскиот Универзитет ,,Св. Климент Охридски“ во новата учебна година ќе прими вкупно 3.635 бруцоши и тоа 2.005 редовни, 1.015 со кофинансирање, а 615 вонредни.

На Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), пак, како и на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје уписите веќе се во тек, почнаа во понеделникот и ќе траат до задутре. Во ДУТ има 3.185 бруцошки места, од кои 1.560 се за редовно студирање, 1.275 за со кофинансирање, а 350 места се за вонредни студенти. На најновиот скопски универзитет ќе се запишат 1.445 бруцоши. Од нив 870 места се за редовни студенти, 355 ќе студираат со кофинансирање, а 230 вонредно.

Прелиминарните резултати од уписите ќе бидат објавени на 4 и 5 септември, во зависност од универзитетот, а конечните на 6, односно на 7 септември.

Слободните места ќе бидат пополнети во вториот уписен рок што ќе биде на 13 и на 14 септември, како и во третиот, што е закажан за 25 септември.
 

Содржината е прочитана 33 пати.